Фудбалерите на Јувентус и покрај ремито со Кротоне (1-1) и намалувањето на бодовна предноста после победата на Наполи против Удинезе (4-2) во свои раце ја имаат „меч топката“ во трката за титулата во Серија А. Во 34-та рунда „старата дама“ на домашен терен го пречекува директниот конкурент Наполи, а разликата на табелата е четири бодови.

– Пред месец дена ќе бев пресреќен да знаев дека мечот со Наполи ќе го пречакаме со четири бодови предност. На дуелот со Кротоне не одигравме како што треба, многу се мачавме, се баравме себеси, а домашните фудбалери го искористија тоа и дојдоа до бод. Веднаш мораме да се консолидираме и сите мисли да се насочиме кон дуелот со Наполи. Победа на тој меч ќе значи титула, а во спротивност математики, нервоза и тензија следните три рунди до крајот на првенствот. – изјави Масимилијано Алегри.

Дербито во Торино се игра во недела во вечерниот термин (20:45ч), а првиот натпревар во есенската полусезона го добија „бјанконерите“ со минимални 1-0. Јувентус покрај со Наполи до финишот на „калчо“ лигата игра со Интер, Рома, Болоња и Верона. „Азурите“ силите ќе ги одмерат со Торино, Кротоне, Фиорентина и Сампдорија.

OhridNews