Актерот Алек Болдвин размислува да се кандидира за градоначалник на Њујорк, по повлекувањето на Ентони Вајнер. Пријател на актерот изјавил дека можеби тоа ќе ја промени трката. На демократите сега им бил потребен кандидат со добар профил, а Алек сигурно би одговарал. Болдвин, кој е демократ по политичко определување, веќе долго размислува да заплови во политичките води. Во едно интервју во јануари изјавил дека сака да биде на функција, но исклучиво во Њујорк.


Болдвин израснал во семејство на просветни работници, а изјавил дека на политичката сцена недостасуваат луѓе кои не изгубиле од вид што за САД претставува средната класа. Себеси се смета за припадник на средната класа, иако за време на филмската кариера заработил големо богатство. Славниот актер рекол дека кога ќе престане да глуми, ќе влезе во политиката, уверен дека за тоа никогаш нема да биде доцна.