Младиот пијанист Александар Гаџиев со своето маестрално музицирање ја воодушеви публиката на фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“, покажувајќи врвен пијанистички артизам. Уметникот чии родители се професори по пијано, со брилјантната техника на музицирање, нагласениот музички сенс, како и со својата креативна фантазија го освои концертниот аудиториум уште на почетокот од програмата.

Во прекрасниот амбиент во црквата „Света Софија“, во вториот дел од концертот тој долови композиции од руски композитори. Публиката уживаше во фасцинантната изведба на „Варијациите“ од Петар Илич Чајковски, како и во Сонатата број 6 оп.82 во А-дур од Сергеј Прокофјев.

Александар Гаџиев  е роден во Гориција, Италија, природен крстопат на бројни култури и јазици, и уште од детството е задоен со квалитетите на централно-европската култура и поднебје. Пијано започнува да учи под менторство на неговиот татко, познат руски професор, и првиот настап со оркестар го има на деветгодишна возраст, а солистички рецитал остварува на 10 години. Во 2013 година настапува на 30 –от јубилеен натпревар „Премио Венеција“, на кој се натпреваруваат најдобрите млади пијанисти од Италија и го освојува првото место. Оваа победа му овозможува бројни рецитали низ Италија но и во Лондон, Париз, Мадрид, Даблин.

OhridNews