Кандидатот за градоначалник на Охрид од Сојузот за Македонија, Александар Петрески, гласаше на избирачкото место 1279 во просториите на Агенцијата за вработување.


На гласање Петрески пристигна заедно со семејството и застана во редот со другите гласачи. Се поздрави со членовите на избирачкиот одбор, по што гласаше.


По гласањето Петрески даде изјава за медиумите во која истакна бројни забелешки на изборниот процес во Охрид.

Овие неколку денови се чувствував како во филмот на кој повозрасните сигурно се сеќаваат „Валтер го брани Сараево“. Јас се чуватвувам како „Аце да го бранит Охрид“. Ова што се случуваше овие неколку денови со сите тие силни полициски сили кои апсеа, тепаа, приведуваа, казнуваа, не личи на ништо. Разочаран сум од сето тоа, јас така мојот Охрид и мојата Македонија не ја замислувам. –изјави Петрески.


Тој истакна дека  очекува победа на изборите и оти одредени работи кои го следеле изборниот процес во Охрид се непотребни и можат негативно да се одразат на севкупното живеење во градот.

-Охрид во минатото имаше слични избори, каде што се пукаше, но треба едно да се знае, крвава фотеља на никому не му треба. Не носи тоа стреќа ни на некого, ни на фамилија, ни на град ни на држава.-рече Петрески.


Тој најави дека ќе биде доставен целосен извештај со забелешки за случувањата за време на изборната кампња во Охрид како до надлежните институции во земјата, така и до меѓународните организации.

OhridNews