Актуелниот шампион и најтрофејниот клуб во Првата лига, Вардар со судни маки и едвај ја стартуваше сезоната, но проблемот со беспарицата остана. Тренерот на Вардар, Александар Васоски апелираше дека ако не се среди ситуацијата и клубот не застане на здрави нозе, може да се соочи со најцрното сценарио, испаѓање во понизок ранг, што не се случило до сега.

Почитувани симпатизери на Вардар, се чувствувам должен да ви се обратам поради најновите резултати на Вардар, како и периодот што следи по декември. Што се однесува до резултатите во последните неколку кола кои не се на нивото на Вардар, лошата среќа, но и созревањето на екипата си го зеде данокот. Ние на сите мечеви вклучувајќи го и високиот пораз од Шкендија не бевме во подредена улога. Напротив, во сите параметри, освен за жал со голови бевме подобри од противниците. Физичката спремност во моментов е задоволителна, ама ни фалат пријателски натпревари да ги коригираме грешките. Имаме комплетно нова екипа која за жал ја воигруваме од коло во коло и се надеваме дека среќата ќе се врати и ќе играме подобро. 

Што се однесува до состојбата во клубот, доколку не се среди ситуацијата по декември, Вардар ќе го доживее најцрното сценарио во целото свое постоење, – напиша на социјалните мрежи, тренерот Васоски.

Покрај проблемите Вардар котира на средината од табелата и со средување на проблемите ќе може да ја преброди сезоната и од следната повторно да атакува на пласман во горниот дел од табелата.

OhridNews