Десеттина забелешки доставила Алијансата за Албанците за вториот круг од локалните избори во Струга, во кој нивниот кандидат и лидер на партијата Зиадин Села загуби од кандидатот на ДУИ Рамиз Мерко со разлика од 788 гласови. Забелешките се однесуваат на изборни нерегуларности како групно гласање, поткуп, „бугарски воз“ и друго, информираат од ОИК Струга.
Со обвинувања за нерегуларности вчера во текот на гласањето излезе и Села, кој по завршувањето на изборите ги обвини ДУИ и СДСМ за заговор против него, посочувајќи дека изборниот резултат не ја одразува волјата на граѓаните. Од друга страна Рамиз Мерко изборите ги оцени како фер и демократски, истакнувајќи дека тој ја добил довербата од граѓаните на мултиетничка Струга и ги отфрли обвинувањата на противкандидатот, кого го повика да му се придружи заеднички да работат во интерес на сите граѓани.
Од ОИК Струга информираат дека забелешките на Алијансата за Албанците заедно со записниците и целокупниот изборен материјал се доставени до ДИК, која ќе одлучува по нив, како и по евентуалните приговори за вториот круг од локалните избори кои ги најави Зиадин Села, за што има законски рок од 48 часа.
Г.М.