Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата. Согласно постигнатиот договор,  Алтернатива  ја презема одговорноста со свои кадри во Министерството за  Здравство, во Министерството за Информатичко општество и администрација и од Алтернатива ќе биде назначен Министер без ресор задолжен за дијаспорара, соопшти Заев на заедничката прес-конференција со Гаши.

Како што информираше Заев,  Алтернатива ќе добие и тројца заменици министери и тоа во Министерството за образование и наука, во Министерство за култура, а за третиот ресор дополнително ќе се дискутира, но, како што истакна Заев,  било разговарано за заменик министер во Министерството за земјоделство. Алтернатива ќе преземе одговорност и во повеќе институции на централно и локално ниво меѓу кои МЕПСО, Фонд за здравствено и пензиско осигурување, Македонски железници, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции.

Како што истакна Заев, постигнатиот договор е гаранција дека има мнозинство кое ќе работи на изнаоѓање решенија за успешен епилог во преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Бугарија како приоритет. Заев упати порака до ЕУ и до Бугарија дека во Северна Македонија има стабилно и зголемено парламентарно мнозинство, и дека има подготвеност на европски начин да се надмине проблемот со Бугарија. Заев подвлече дека предвремени парламентарни избори на државата во моментов нема да и дадат стабилност.

Почетокот на преговорите ни треба веднаш затоа што ги имаме исполнето сите услови. Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем стабилни. Во време на глобална пандемиска криза и неизвесност и во време на европска енергетска криза на Северна Македонија најпотребни и се токму стабилна Влада, а не повторно избори. Предвремени парламентарни избори се ризик да се закочат европските интеграции. Затоа постигнавме договор со Алтернатива за стабилно мнозинство до крајот на актуелниот мандат односно до 2024 година со амбиции и да продолжи, рече Заев.

Лидерот на Алтернатива  Африм Гаши порача дека конечно земјата излегува од политичка криза и дека 64 пратеници ќе бидат дел од парламентарното мнозинство со цел да се излезе од здравствената и економската криза. Договорено е Владата да ги мобилизира сите капацитети на државата и општеството со цел отворање на преговорите со ЕУ во насока на успешно комплетирање на сите поглавја и полноправно членство во ЕУ како стратешка цел во најкус можен временски рок, истакна Гаши презентирајќи ги деветте програмски определби кои било договорено да станат дел од Владината програма.

Владата ќе достави и службено барање до Европската комисија  со кое ќе побара тим од независни експерти да вршат меѓународна истрага за сомнителни судски процеси. Ќе биде донесен нов Закон за рамномерен регионален развој и развој на Липковски регион, ќе се воспостават политики за промоција за права и интерес на сите заедници во земјава , ќе се анализираат законите за борба против криминалот и корупцијата, ќе се работи Законот за извршување да биде во интерес на граѓаните, и ќе се иницира процес на изградба на национална стратегија за развој на образованието –  образложи Африм Гаши.

Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.

 

К.А.