Амбасадорите на Европската унија (ЕУ), САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија во вторникот побараа итно спроведување на договорот од Пржино, додавајќи дека се разочарани поради пробивањето на роковите во однос на досегашната имплементација, пренесува „Макфакс“.

„Ги повикуваме ВРМО-ДПМНЕ да ја демонстрираат потребната посветеност и да го имплементираат договорот на итен и конструктивен начин, и во добра волја. Веруваме дека имплементацијата на договорот е најдобриот пат за излез од оваа политичка криза“, стои во заедничката изјава на амбасадорите.

„Го повикавме и премиерот Груевски и неговиот тим да ги финализираат договорите за нерешените прашање во договорот од Пржино и да ги имплементираат потребните реформи за обезбедување на кредибилни избори на домашен и надворешен план, како и за одговорност во однос на евентуалните нерегуларности. Во однос на последното, очекуваме на Специјалниот јавен обвинител, назначена едногласно од страна на Парламентот, да и бидат дадени неопходните ресурси за вршење на важната работа што и претстои“, порачуваат амабсадорите.

Тие упатија порака и до опозициската СДСМ, која според нив треба да ги заврши обврските кои произлегуваат од политичкиот договор, вклучувајќи ја онаа за да не објавува нови аудио материјали од прислушуваните разговори.

„Договорот од Пржино ги повикува партиите да ги стават интересите на државата пред се, и да ја потврдат својата посветеност кон евроатланските интеграции и демократските принципи. Сите партии треба да делуваат во добра волја, да ја потврдат својата обврска кон Договорот, и да делуваат според мерките кои беа договорени и кои се итно барани, земајќи ја предвид моменталната состојба. Доколу не се успее во ова, тогаш тоа ќе игра улога и во процената која што се врши од страна на Европската комисија. Владите, и особено нивните лидери, имаат специјална одговорност за време на политички кризи. Доколку тие делуваат веднаш и дадат до знаење дека преку своите дела се насочуваат кон овој пат, тогаш меѓународната заедница ќе биде подготвена целосно да го поддржи тоа“, заклучуваат странските амбасадори.

OhridNews
извор:„Макфакс“