Амбасадорката на Израел, Симона Франкел, денес, во рамки на посетата на Охрид, оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков. На средбата се разговараше за одличната соработка во повеќе области која Охрид ја негува со Израел и заеднички беше констатирано дека таа ќе продолжи и во иднина.

Соговорниците зборуваа и за прогресот што Општина Охрид го прави во спроведување на препораките од УНЕСКО за зачувување на статусот на светско природно и културно наследство. Амбасадорката го поздрави напорот што Општина Охрид го вложува во насока на зачувување на статусот, информираат од Општина Охрид.

Градоначалникот и амбасадорката Франкел разговарале и за изработката на проекти кои се однесуваат за подобрување на водоснабдувањето на градот и за пречистителни станици за третирање на отпадните води, а Франкел изразила и подготвеност за помагање при подготовката и реализација на овие проекти, се додава во соопштението.

Инаку ова е прва посета на Охрид од страна на Амбасадорката на Израел Н.Е. Симона Франкел.

OhridNews