Знаењето и талентот се на страната на младите фудбалери, но сакам на сето тоа да гледаат како една попатна станица. Ако целта на младите фудбалери е да заиграат за првиот тим на својот клуб, тогаш уште сега нека прекинат да играат. Нивната цел треба да бидат „Олд трафорд“, „Олимпико“… Тоа треба да биде нивната ѕвезда-водилка ако сакаат да успеат, порача Ѓорѓи Христов (36), македонската фудбалска легенда, а сега тренер на прволигашот Металург.

– Цели 16 години поминав надвор од Македонија, многу повеќе отколку тука. Ги одржувам контактите со сите мои поранешни клубови и тоа е едно огромно искуство. А искуството е важно за да се применува на младите, и тоа на еден едноставен начин – да им се укаже на недостатоците – вели тој.

Поранешната „деветка“ смета дека се потребни вложувања и инвестирање во младите категории, но и во спортската инфраструктура.

– Потребно е многу подетално да се фати работата, особено со тие млади категории. Потоа, тука е и едукацијата на млади тренери. Но она што го чувствувам е дека на многу луѓе не им е драго тоа што доаѓа една млада генерација на тренери – истакна Христов.

Христов пред повеќе години беше дел од тимот на англиски Барнсли, кој против Ипсвич играше на еден од последните мечеви на стариот стадион „Вембли“. Не крие дека посакува еден ден како тренер да се врати во англиската престолнина.

– Не би бил искрен ако речам дека не сакам или не сонувам да се вратам еден ден на „Вембли“. Спортски е, човечки е да сакаш. Ако сум имал успешна кариера како играч, сакам да имам уште поуспешна тренерска кариера. Слично како и фудбалерите, почнав од најмладите. Токму пред една година почнав да работам со најмладите категории во Металург, потоа со младинците и еве ме во првиот тим. Нормално е дека посакувам еден ден да бидам тренер на некој европски клуб. Мое е да работам напорно и еден ден сета таа работа ќе излезе на површина – напомена Христов.

М.П.