Ана Прентоска од ВК „Црн Дрим“ – Струга високо котираше на Светското првенство во веслање на ергометар (2026 World Rowing Virtual Indoor Championships) во организација на World Rowing. Прентоска го освои одличното 6 место во дисциплината 1000 метри, во конкуренција на 28 натпреварувачки кои успеаја да се квалификуваат во финалната група.

Ана настапи во категоријата 1000 метри за жени до 17 години, при што оствари време од 03:42.01, што претставува значаен резултат на едно од најсилните светски натпреварувања во ергометар. Честитки за одличниот настап и достојното претставување, велат од ВК „Црн Дрим“ – Струга.

Ова престижно натпреварување, посочуваат, се реализираше во виртуелен формат, каде веслачи од целиот свет настапија на Concept2 ергометри од своите клубови и тренинг центри, поврзани преку официјалната он-лајн платформа. На програмата беа дисциплините 1000 метри, 5000 метри и 1 минута спринт, во повеќе возрасни категории, а учество зедоа голем број натпреварувачи од сите континенти.

Светското првенство во ергометар претставува едно од најмасовните и најдостапни натпреварувања во веслањето, кое овозможува учество на спортисти од целиот свет без потреба од патување, но со исто ниво на конкуренција како и на класичните светски првенства, додаваат од Клубот.

OhridNews