Откако во болницата „8 Септември“ му било констатирани лесни повреди здобиени во инцидент во притворот, главно набиеници, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кому синоќа му беше одредена мерка притвор под сомнение за вмешаност во организацијата на настаните од 27 април 2017г. во македонското Собрание, вечерва е вратен во Истражниот затвор во Скопје.

Затворската управа соопшти дека вториот осомничен, Спиро Ристовски, кој исто така учествувал во инцидент што се случил попладнево во истражниот затвор во Скопје, воопшто не го напуштил притворот и дека и тој се здобил со лесни повреди. Претходно, попладнево, повеќе медиуми објавија дека Јанакиески и Ристовски биле претепани во затворот во Шутка, но ваквите информации ги демантираше затворската управа. Оттаму ги осудија инцидентите, пoсочувајќи дека на истите им претходеле вербални расправии и провокации.

На ден 21 февруари 2019 година околу 13 часот за време на редовна прошетка на притвореници дошло до вербален инцидент предизвикан од лицето С.Р. кон лицето Л.К. кој подоцна преминал во лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. Околу 13:45 часот, повторно за време на редовна прошетка на притворениците дошло до друг вербален инцидент предизвикан од лицето М.Ј. кон лицето Е.К. кој подоцна преминал во физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот. За двата инциденти прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд, информираат од затворот „Скопје“, пренесува „Телма“.

Во меѓувреме, во посета на повредениот притвореник во болницата „8 Септември“ беше лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, кому не му беше дозволено да оствари средба со Миле Јанакиески, бидејќи не поседувал соодветно судско одобрение за тоа. Тој побара оставки од премиерот Заев и министрите Дескоска и Спасовски.

Ако е ова примерот на демократските институции, ако ова е животот кој што се донесе во Република Македонија, нека им служи на чест. Граѓаните на Република Македонија ова нема да го заборават и за сите овие злодела ќе ги казнат насилниците и сторителите. – изјави Мицкоски.

Со соопштение се огласи и Министерството за правда, под чија надлежност се затворите. Оттаму го осудуваат вербалниот, а потоа и физичкиот инцидент во КПУ Затвор – Скопје, и очекуваат санкционирање на сторителите на насилство, но, и на сите оние кои не презеле мерки за спречување на вакви ситуации.

Воедно, бараме и очекуваме сите надлежни институции да одговорат на највисоко професионално ниво во расветлувањето на денешниот настан. – се вели во соопштението на Министерството за правда.

Инаку, Јавното обвинителство за организација на немилите настани од 27 април, покрај притворените Јанакиески и Ристовски, ги сомничи уште и поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјаноски и експремиерот Никола Груевски. Оттаму велат дека амнестијата не ги опфаќа организаторите на настанот.

Претходно повеќе медиуми попладнево објавија дека Јанакиески и Ристовски биле претепани во затворот во Шутка, но ваквите информации ги демантираат надлежните институции.

OhridNews