На прагот од претседателските избори сме, а партиите сé уште тактизираат со кандидатите и не откриваат со кој кандидат ќе настапат на претстојните претседателски избори.Се пегла ли теренот за предвремени парламентарни избори заедно со претседателските? Кампањата е отворена на широка врата се даваат отчети за сработеното,. се прават анкети, пресметки на гласачи, меѓусебни пресметки на политичките партии, анализира „Макфакс“.

Дали коалиционите партнери од власта, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, создаваат амбиент од кој ќе произлезе политичка криза чие единствено решение ќе се бара во распуштање на парламентот и повторно избирање влада?

ДУИ и натаму остануваат цврсто на ставот дека мора да се изнајде решение по однос на нивното барање за избор на консензуален кандидат за претседател, а како што најавија, доколку нема договор за консензуален претседател, тогаш ќе се случи „активен бојкот“ на претседателските избори од нивна страна, односно ќе настане ситуација во која тие нема да учествуваат на претседеателските избори, но ќе водат кампања на која наместо промоција на кандидат, ќе ги промовираат политиките на консензуалност.

Проф. д-р. Алберт Муслиу во интервју за Макфакс истакнува дека иако тој реално не ја гледа потребата од предвремени парламентарни избори, бидејќи во моментов според него нема политичка криза во земјава, убеден е дека предвремени парламентарни избори ќе има и нема да ја дочекаме 2015 година до редовните парламентарни избори. Според него, во прашање се тајминзите дали тоа ќе се случи со вториот круг на претседателските избори или во септември, а тоа зависи како ќе поминат претседателските избори и кои нови опции би се отвориле во зависност од резултатите на претседателските избори.

„Јас, како граѓанин, не гледам потреба од тоа (парламентарни избори), бидејќи досега сите анкети укажуваат на тоа дека политичките партии на власт нема да генерираат политичка криза и доколку би се одело на предвремени парламентарни избори би се избирале нијанси, но нема да се промени нешто посериозно односно примарниот интерес ќе биде продолжување на мандатот, што за мене не е нелегитимно бидејќи политичките партии се интересни групи. Но доколку настане конфликт на интереси и влезат во политичка криза, тогаш предвремени парламентарни избори ќе бидат неопходни. Според мене, предвремени парламентарни избори неколку месеци пред редовните нема нешто посериозно да променат во општествениот живот кај нас, но нема да бидат ни штетни. Сепак, во моментов сметам дека нема потреба од тоа“, истакнува Муслиу.

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска, пак, истакнува дека варијантата за предвремени парламентарни избори заедно со редовните претседателски избори е пожелна и од финансиска и од политичка логика. Според неа, доколку се одржат овие два изборни циклуса истовремено, Република Македонија неколку години, или практично до 2017 година кога се наредните локални избори, ќе може целосно да се посвети на реформите во системот и на имплементирање продуктивни политики кои нема да имаат изборна обоеност.

„Во наредниот период кој би бил без избори, државата навистина ќе може да се фокусира кон решавање на сите големи предизвици, ќе може да се фокусира на економското зајакнување на државата, на реализација на планираните инвестиции со што сериозно ќе се промени амбиентот и сликата за РМ, дома, но и надвор. Ако не се одржат предвремени парламентарни избори, тоа практично ќе значи секоја година нови избори што сериозно ќе изврши влијание на темпото и на динамиката на одвивањето на реформските чекори, затоа што секој изборен циклус значи чекор назад во политиките кои бараат посветеност и целосна ангажираност на севкупните политички потенцијали“, истакнува Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска во интервју за Макфакс.

Сепак, таа додава дека доколку се случи да нема предвремени парламентарни заедно со претседателските избори, политичките збиднувања ќе кулминираат до степен да сепак се одржат предвремени парламентарни избори, но на есен, поради фактот што во владејачката коалиција случувањата ќе кулминираат до степен работите да бараат своевидно расчистување на сметките, кој колку и како придонел во вкупниот политички биланс во коалцијата.

„На ДУИ ќе мора да и’ биде јасно предочено каков е нејзиниот удел во досегашното седумгодишно партиципирање во власта, колку политички и финансиски профитирала, а колку реално придонела во вкупните финансиски математики, и како стојат работите на коалициски план. Факт е дека ДУИ ќе мора да покаже поголема заинтересираност и посветеност за реформските процеси во земјата, ќе мора посериозно да се вклучи во агендата на Владата за привлекување странски инвестиции, а не само да ги користи благодатите на власта, ќе мора да покаже поголема лојалност кон институциите на системот кој, патем речено, го раководи и ќе мора да демонстрира поголема одговорност за состојбите кои многупати, свесно или несвесно сама ги предизвикува“, смета Каракамишева.

По однос на предвремените парламентарни избори од СДСМ истакнуваат дека тие се подготвени за вакво сценарио, но дека тоа не зависи од нив бидејќи владата е таа која треба да го распушти парламентот и да ги распише изборите. Сепак, велат дека доколку тоа се случи цврсто ќе стојат до измените на Изборниот законик кои беа донесени консензуално, а доколку доа се почитува според нив тоа ќе значи дека власта и опозицијата ги прифаќаат условите на игра.

Проф.д-р.Тања Каракамишева – Јовановска во однос на делувањето на опозицијата смета дека, тука работите ќе мора сериозно да се подобрат, СДСМ ќе мора да покаже пореални и поквалитетни политики, но и поквалитетен начин на политичка комуникација ако сака да добие поголема поддршка од електоратот.

На прашањето дали Македонија има капацитет да спроведе слободни демократски избори и дали Владата ќе го положи тестот за демократија пред препораките на ОБСЕ и ОДИХР и дали до крај ќе бидат испочитувани измените во изборниот законик постигнати со консензус Муслиу смета дека според некои тенденции за импровизација на решенијата кои се претходно консензуално договорени укажуваат на тоа дека сигурно ќе има тенденции некои делови да не бидат целосно испочитувани до крај.

„Факт е дека квалитетот на изборите со секој изборен циклус се подобрува со самиот факт што институциите реагираат на изборните неправилности. Реакциите од нашите меѓународни партии се однесуваат на злоупотребите на изборниот терк. Кај нас најголем проблем е што институциите не реагирале на тие злоупотреби. И, второ, тука е и недостигот од законски решенија, затоа и ќе се влезе во фаза на промена на изборниот законик, но верувам дека ќе бидат поквалитетни, барем легално. Друго е она што се однесува на неморалното однесување за време на изборите, но тоа веќе не е проблем само на политичките партии, туку и на политичката свест на граѓаните затоа што неморалните активности не се казнуваат адекватно“, смета професорот Алберт Муслиу.

OhridNews
Анализа: „Макфакс“