Полека слегнува прашината што се крена за време на Локалните избори 2025 во Охрид кои завршија со убедлива победа на актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО ДПМНЕ Кирил Пецаков. Коалицијата предводена од владејачката партија освои и 13 мандати во 23-члениот совет на Општина Охрид каде ќе има сигурно мнозинство. Имајќи предвид дека на централно ниво владее ВМРО ДПМНЕ, тоа значи апсолутна власт, но и целосна одговорност. Нема веќе простор за изговори, политички мотивирани опструкции, судир на концепти. Пецаков тоа и самиот индиректно го посочи непосредно по прогласувањето на победата на прославата со симпатизерите и поддржувачите на градскиот плоштад каде истакна дека пред него се 4 години кои ќе имаат двојно поголема тежина во споредба со претходниот мандат. Вети посветена работа и реализација на капитални проекти кои стратешки ќе го променат и подобрат Охрид.
Што вети Кирил Пецаков?
Во иднина, Охрид го замислувам таму каде што му е местото, високо на пиедесталот на најдобрите туристички дестинации во Европа! Тоа ќе биде град кој зрачи, со сета потребна инфраструктура, со совршена промоција и со максимална афирмација на секое негово богатство. Ова е мојата мисија, да го вратиме сјајот на светлината и да го претвориме Охрид во магнет кој привлекува, инспирира и трајно останува во срцата на сите кои ќе го посетат, истакна градоначалникот Пецаков во предизборното интервју за Охридњуз.
Со докажана посветеност и одговорно управување, од 10-те приоритетни проекти ветени во изминатиот мандат 8 се реализирани или започнати. Овие успеси се резултат на заедничка енергија и транспарентност, докажувајќи ја способноста да се направат промени. Ова е само почеток. Новата изборна програма се надоврзува на овие резултати, поставувајќи поголеми цели со визија за модерен, дигитален, економски силен и зелен Охрид, кој ќе живее во хармонија со своето езеро и културно наследство. Голем дел од новата енергија е посветен на изградба и подобрување на современата општинска инфраструктура. Планирани се следниве проекти:
- Реконструкција на Кеј „Македонија“ и дел од булеварот „Туристичка“
- Реконструкција на дел од магистралниот пат Охрид – Битола до црква „Св. Недела“ – Косел
- Завршување на ктната гаража кај Пазарот за која е отпочната постапка, и изградба на уште една катна гаража и нов Младински културен центар
- Уредување на кејот во Пештани
- Уредување на градскиот пазар во Охрид
- Проекти за канализација и патишта во Трпејца, Долно Лакочереј, Орман, Чекоштина и други населени места
- Инвестиции во училиштата и детските градинки, вклучувајќи поставување на фотоволтаици за зголемување на енергетската ефикасност.
Дигитализација и локална кономија
Охрид ќе влезе во дигитална ера со цел зголемување на транспарентноста и подобрување на јавните услуги. Ќе се воведе дигитализација на јавните услуги, QR-кодови за документи, и плаќање такси преку СМС, најави Пецаков.
Граѓаните ќе имаат можност електронски да ги поднесуваат барањата и да го следат статусот на своите предмети. Седниците на советот ќе се дигитализираат, вети Пецаков.
Што се однесува до локалната економија, Пецаков најави поддршка на малите бизниси и занаетчиството, привлекување странски инвестиции, формирање на локален иновациски фонд за поддршка на млади претприемачи.
Екологија, туризам и култура
Фокусот за наредниот мандат е да се постигне целта за чиста, зелена и енергетски ефикасна општина, за што веќе е изгласана и физибилити студија во Советот. Активностите во овој сегмент се насочени кон заштита на езерото и одржливост, рече Пецаков, посочувајќи дека е почната реализацијата за изградба на речистителната станица во Трпејца.
- Ќе продолжат редовните акции за чистење на езерскиот брег, поставувањето на модерни корпи за селекција на отпад и засадувањето нови дрвја
- Ќе се работи на заштита на езерото преку строга контрола на отпадните води
- Ќе се субвенционираат граѓаните за соларни панели за да се поттикне енергетската ефикасност.
Во областа на туризмот, целта е промоција на Охрид како одржлива и инклузивна дестинација. Клучна алатка ќе биде изработката на Стратегија за туризам 2025-2030, со особен фокус на еко, културен и авантуристички туризам, рече Пецаков.
Културата е поставена како „срцето на Охрид“, кажа Пецаков, па затоа се планирани инвестиции во културната инфраструктура и проширување на понудата на културни настани.
Планирана е реконструкција на домовите на култура во Љубаништа, Кошишта и Радојца Новичиќ. Покрај веќе постоечките настани како Вино фест, Охрид Ватер Фестивал, Џез фестивал и Коктел фест, ќе се воведуваат и нови, вклучувајќи Охридски џез фестивал со интернационална вечер и Фестивал на креативни индустрии, потенцира Пецаков.
Ветување
Овие 4 години ќе биде мандат кој ќе биде посветен исклучиво на голем број капитални проекти кои стратешки ќе го променат и подобрат Охрид, истакна Пецаков.
Пред мене се 4 години кои ќе имаат двојно поголема тежина во споредба со претходниот мандат. Народот препозна дека тоа што го работиме се разликува од минатото и ќе донесе просперитет во иднина. Од утре продолжуваме со работа затоа што имаме 16 проекти кои треба да ги реализираме со што Охрид стратешки и сериозно ќе се промени, рече непосредно по победата градоначаникот на Охрид Кирил Пецаков.
Г.М.