Кирил Пецаков од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата е реизбран за градоначалник на Општина Охрид. До својот втор мандат Пецаков дојде на уверлив начин остварувајќи висока победа над противкандидатите уште во првиот круг од локалните избори 2025.
Според првичните податоци на Државната изборна комисија, Пецаков освои 16 565 гласа, или 63,91 отсто од вкупниот број гласачи во општината кој изнесува 52 580. Кандидатот на СДСМ и коалицијата Асен Шајн освои 6 151 глас или 23,73 отсто, независниот Гоце Цветкоски – 830 гласа (3,20%), а Стевче Стевоски од Твоја партија – 450 (1,74%).
Пецаков речиси го повтори резултатот што го оствари на локалните избори во 2021 година. Тогаш тој го озвои првиот мандат победувајќи го противкандидатот од СДСМ Константин Георгиески во вториот изборен круг со 3.807 гласа повеќе. За Пецаков на локалните избори во 2021 година гласале 16.993 или 54.60 % од вкупниот број избирачи, а за Георгиески 13.186 гласачи или 42.37 % од вкупно излезените гласачи.
На вчера одржаните избори, Пецаков освои 16 565 гласа, додека кандидатот на СДСМ Асен Шајн 6 151 што е разлика од 10 414 гласа.
Пецаков во обраќањето пред охриѓани непосредно по победата на градскиот плоштад истакна дека е остварена историска победа со највисока разлика во однос на политичките ривали. Тоа како што рече носи и поголема одговорност и претставува поттик за работа и реализација на ветените проекти кои Охрид треба да го направат поубаво место за живеење.
Г. Момироски