В сабота на Винсенте Калдерон со почеток во 16 часот силите ќе ги одмерат градските ривали од Мадрид, Атлетико и Реал.
Градското дерби „кралевите“ ќе го пречекаат на врвот од табелата додека Атлетико има низ од пет мечеви без пораз против лутиот ривал.
– Не се оптоварувам премногу со статистика пред вакви натпревари. Сега сме во најважниот дел од сезоната затоа размислувам само на победа. Мојот тим сака да се натпреварува, а сакам и јас – рече Карло Анчелоти.
Италијанскиот стратег ќе има одредени проблеми околу составувањето не екипата бидејќи во аут поради повреди се Серхио Рамос и Џејмс Родригез, а поради жолти картони ќе отсуства и Марсело.
– На подолго време ќе ги немаме на располагање Рамос и Родригез, но што се однесува за одбраната веруваме во Варан и Начо. Тие се полни со ентузијазам и желба за игра. На местото од Марсело ќе дејстуваат Арбеола или Коентрао и мислам дека ќе немаме поголеми проблеми – додаде Италијанецот.
За саботниот натпревар во составот ќе се врати Кристијано Роналдо, кој ја одлежа суспензијата од два натпревари за црвениот картон против Кордоба.
Мх.П.