Од јануари следната година целосно ќе се автоматизира пријавувањето на новороденче, информира министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Проектот е-бебе, кој е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ, предвидува првиот извод родителите да го добијат во болница, најдоцна до 48 часа од раѓањето на бебето. Министерството за дигитална трансформација, искористувајќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, спроведе поврзување на сите засегнати институции во процесот за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето. Во втората фаза на проектот се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади, посочува.
Додава дека од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk., посочувајќи дека се очекува целосна реализација на проектот до јануари 2026 година.
OhridNews











