Охридските ракометари на домашен терен прокнижија нови три бода откако триумфираа во дерби пресмеката со Ѓорче Петров 23-20. Тренерот на “гладијаторите“ Горан Андоноски е задоволен од резултатот, но не и од (не)дисциплината во екипата.


– Игравме против тимот кој во минатата рунда го сруши митот за “неподливоста“ на лидерот на табелата Текстилец. Задоволен сум од резултатот и победата, но не од играта и дисциплината на моите ракометарите. Недопустливо е ракометарите самоволно да донесуваат одлуки кои се на штета од екипата. Натпревари во досегашниот тек од првенството ги добиваме благодарение на борбеноста и физичката спремност, а не од квалитетот што го поседуваат – категоричен беше тренерот на охриѓани, Андоноски.

Спортската сала “Атина Бојаџи“ станува  неосвоива трвдрина на “гладијаторите“, негостопримливоста на своја кожа ја почуствуваа гостите од Скопје.

– Условите се тешки, работиме доста напорно, победите и верната охридска публика ни се движечка сила и мотив повеќе да продолжиме да ги радуваме. Покрај задкулисните игри кои ни се случуваат ние остануваме цврсто на земја, а за Супер Лига рано е да се зборува – потенцираше “пикерот“ на охриѓани Бабачев Наум.


Тренерот на гостите Христовски го призна поразот, во дербито на колото и ја потенцираше важноста на публиката во вакви мечеви

– Охрид сосема заслужено се радуваше на победата во дерби пресметката. Самите видовме дека мечот беше крајно тежок, и го заслужи епитот дерби на колото. Подршката од домашната публиката во вакви мечеви е пресудна,а за судењето нема потреба што да коментирам и самите бевте сведоци. “Суперлигашката“ врата ни се затвара, потенцијалот во екипата постои, а се надевам дека ќе го покажеме следната сезона – истакна тренерот на гостите Христовски.

“Гладијаторите“ во наредната рунда на домашен терен го пречекуваат конкурентот за втората позиција екипата на Радовиш.

Мх.П.