Анета Љумаковска со „Анета бенд“ и српскиот пејач Милан Бујаковиќ се победници на Фолк и Интернационалната поп вечер на 33. издание на фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури“, што се одржува на сцената на Долни Сарај во Охрид.

На Фолк вечерта, првата награда од публиката и фестивалската победа им припадна на Анета Љумаковска и Анета бенд за песната „Срцево те бендиса“. Втората награда од публиката ја освои Бобан Зафировски со „Охрид ќе полуди“, а третата Петар Нечовски со „Муаабет без крај“.

Стручното жири првата награда им ја додели на Милован Секуловски и Гр. Сарај за „Нема вино што болката ја лечи“, втората на Перо Христов за „После тебе“, а третата на Ивана Серафимова за „Доста е“.

Наградата за најдобар дебитант ја освои Ангела Влинтовска, наградата за интерпретација Блага Петреска, додека „Цвет среде зима“ во изведба на Мирко Вратоски беше прогласена за најтрубадурска песна. Наградата „Аце Ангелески“ ја доби Лазе Секуловски, а признанието од акредитираните новинари му припадна на Нино Величковски.

На Интернационалната поп вечер триумфираше Милан Бујаковиќ од Србија со песната „Срце лава“, освојувајќи ја првата награда од публиката и победничкото признание на вечерта. Втората награда од публиката ја освои Наталија Данаилова со „Биди свој“, а третата Валдера со „Скршено стакло“.

Првата награда од стручното жири ја освои Стефан Спироски со „Дур постојам“, втората Димче Ангелески со „Кула од карти“, додека третата награда и признанието за интерпретација ги доби Стеван Феди за „Касно схватам“.

Меѓу останатите признанија, Срѓан Марјановиќ и Брано Ликиќ се наградени за најдобар дует, Стефан Петановски за најдобар аранжман, а Немања Ѓорѓевиќ за најдобар текст и со наградата „Долни Сарај“. Стефан Спироски ја доби и наградата за сценски настап, Elma Oria за најдобар дебитант, а Јуле и Баже Маротови ја освоија наградата од акредитираните новинари.

Признание за успешна 50-годишна телевизиска кариера ѝ беше доделено на Сузана Манчиќ. Наградата за најуспешна композиција по избор на Naxi Radio ја освои Марија Наумовска со „Вечерва“, а наградата за најтрубадурска песна му припадна на Ален Роси за „Сидро љубави“.

Милан Бујаковиќ, кој во минатото живеел во Скопје и одлично го зборува македонскиот јазик, по победата истакна дека Македонија ја чувствува како своја втора татковина.

Со двете фестивалски вечери, „Охрид фест – Охридски трубадури“ по 33-ти пат ја продолжува традицијата на Долни Сарај, една од најпрепознатливите летни музички сцени во Охрид.

OhridNews
Фото: Охрид фест I Фејсбук