Ангажирани 10 образовни асистенти во училиштата во Охрид преку програмата Општинско корисна работа – од граѓаните за заедницата од заедницата за граѓаните, со наслов на проектот ,,Отворени можности за еднакво образование за сите деца” која се реализира во тековната учебната година од 1 септември 2022 до 10 јуни 2023 година.

Ќе бидат ангажирани по еден образовен асистент во ОСУ „Св. Климент Охридски“ и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и по четири асистенти во ОУТУ „Ванчо Питошески“ и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Денеска, градоначалникот Кирил Пецаков, ги поздрави ангажираните образовни асистенти кои ќе даваат дополнителна помош на децата со полесна попреченост од школска возраст, за поефикасно спроведување на воспитно образовниот процес.

Нашата замисла како Локална самоуправа е квалитетно и модерно образование. Во таа насока е и реализацијата на програмата. Целта на проектот е поефикасно спроведување на воспитно образовниот процес на децата со полесна попреченост од школска возраст.  Со програмата се ангажираат соодветни стручни лица, образовни асистенти, со што ќе се овозможи дополнителна помош во совладување на наставата.  Нашата цел е да се подобри квалитетот на живот посебно на децата со полесна попреченост кои имаат потешкотии во совладување на редовната настава, со тоа ќе им биде олеснета работата како на наставниците така и на родителите, рече Пецаков.

Образовните асистенти ќе работат пола работно време, секој ден, во согласност со наставната програма и во соработка со стручната служба во училиштата како и со координаторот од Општина Охрид.

OhridNews