Во недела, на сцената на Долни Сарај ќе биде изведена претставата “Ангели од сапуница” од Државниот театар вера Комисаржевскаја од Санкт Петерсбург- Русија, а во режија на познатиот Александар Морфов од Бугарија. 


Морфов, чии претстави веќе неколку пати досега се играни во рамки на фестивалот “Охридско лето”, е човекот кој има оставено голем печат врз македонскиот и рускиот театар и театарот во неговата родна земја- Бугарија. За претставата “Ангели од сапуница”, Морфов вели дека се издвојува од останатите, пред се поради различниот пристап при нејзината подготовка. Имено, текстот на кубанецот Едуардо Кинтеро, врз кој е работена претставата е збогатен со неколку авторски текстови на Морфов и самите актери во претставата.


Сакам да ја менувам драматургијата и да ги трансформирам текстовите според своите потреби. За прв пат се одлучив да искористам еден текст, кој всушност е многу едноставна приказна за луѓето во која е претставен нивниот живот, за тоа каде завршува доброто и почнува злото во човекот. Побарав од актерите да напишат свои монолози за секој од ликовите, кои потоа беа искористени во претставата, вели Александар Морфов.

 Во претставата играат околу 20 актери меѓу кои и најпознатите во Санкт Петерсбург. Маргарита Бичкова, која ја игра главната улога Илуминада, потенцира дека соработката со Морфов е посебно доживување.

До сега сум играла во четири претстави режирани од страна на Морфов. Тој е специфичен режисер, непредвидлив, со кого соработката секогаш е особено интересна. Неговиот однос со актерите е спонтан при што имаме чувство како да работиме со сопствениот брат, истакна Бичкова на денешната прес конференција.

Дејствието на претставата се одвива во Куба. Како што потенцира на денешната прес конференција драмскиот селектор на фестивалот, Ѓорѓи Јолевски, станува збор за комедија во која смеата и плачот се споени во едно тело и дух. 

Т. К.