Огромни кранови, дигалки, контејнери, метални челични цевки и огромна машина-бушилка се само дел од “реквизитите” кои деновиве ќе отпловат на веќе монтираната платформа донесена специјално од Англија на средина на Охридското Езеро, каде ќе бушат на повеќе од 2000 метри длабочина под езерото.
Оваа необична активност која, како што кажаа затекнатите работници на проектот, ја нарачал Геолошкиот институт на Македонија, има за цел да ја испита староста на Охридското Езеро. Таму, на длабочина од 2000 метри, ќе се избуши и ќе се земе одредена количина седимент (земја) со чија анализа ќе биде утврдена староста на Езерото. Вака ја објаснија целта на овој проект вработени во „Факом“ кои се позајмени работници во извесната англиска фирма која пак работи по налог на Геолошкиот Институт од Македонија.
Проектот за испитување ќе трае два месеца по што платформата на која ќе биде монтирана бушилката, заедно со неа ќе биде вратена на брегот кај Елешец.
Колку е ова точно и колку е токму со ваква цел, останува да веруваме, но и да провериме и кај другите надлежни. Дотогаш, во прилог на сериозноста на необичниот и изненадувачки проект кој деновиве е отпочнат кај автокампот Елешец, оставаме на фотографиите и на љубопитноста на граѓаните .
фото: Дим Дон