Репрезентацијата на Ангола ќе биде првиот противник на Македонија на предолимпискиот турнир во Венецуела. Составена само од играчи кои настапуваат во локални клубови, ќе бара шести настап на Олимписките игри по ред.


Ангола, преку настапите и победите на Афробаскетот, успеваше досега да обезбеди пласман на сите пет Олимписки игри од Барселона 1992 година, заклучно со Пекинг 2008 година. Квалификацискиот турнир кој ја очекува во Каракас, веројатно ќе биде и најголемиот тест за оваа репрезентација која во минатите 20 години ги оствари најдобрите резултати во историјата и кои воедно ја прават најуспешната африканска репрезентација. Покрај петте настапи на Олимписките игри, Ангола играше и на пет Светски Првенства и победи на десет континентални шампионати во 11 настапи. Оваа историја и искуството на нејзините играчи настапувајќи на сите овие натпреварувања, ја прават незгоден противник за секоја светска репрезентација.

На средината на минатата година, со неколку турбуленции во тимот за почеток, Ангола почна да пишува ново поглавје во кошарката. Францускиот селектор Мичел Гомез беше отпуштен, а на средината на Афробаскетот неговиот асистент, Хаиме Ковиља ја превзема водечката улога. Ангола се пласираше во финалето, но загуби од Тунис и токму тој пораз ја донесе на турнирот во Венецуела и за прв пат по 20 години го доведе пласманот на Олимписките игри на оваа репрезентација под знак прашалник. Во меѓувреме, Федерацијата на Ангола го доведе Хозе Карлос Гимараеш како нов селектор и тој ќе го предводи составот на квалификацискиот олимписки турнир.

Репрезентацијата, која е составена само од играчи кои настапуваат во локални клубови во домашното првенство, се одликува со брза игра преку контра напади, игра еден-на-еден и шут од далечина. Често имаат проблеми во рекетот поради висината на нивните центри. Олимпио Чиприано, ниското крило кое беше изоставено од тимот за минатиот Афробаскет, сега повторно е назад во екипата и ќе ја предводи играта во Каракас заедно со искусните Жоаким Гомез и Карлос Алмеида. Младиот центар Валделицио Жоаким, кој настапува за Универзитетот во Хаваи, ќе биде освежување за тимот во играта под кошевите.

Според распоредот во Венецуела, Ангола првиот натпревар го игра со нашата репрезентација на 2 јули, додека втората средба од групата против Нов Зеланд, ја игра на 4 јули.