Оптимизам владее во Кошаркарскиот сојуз на Ангола, по ждрепката за претквалификацискиот олимписки турнир, во кои оваа земја, во првата фаза за противници ги има Македонија и Нов Зеланд.

„Нашата земја има добри шанси да избори пласман на Олимписките игри во Лондон“, изјави за „Ангола Пресс“, потпретседателот на Кошаркарскиот сојуз на Ангола, Жан Жак де Консеисао.

Оптимизмот, тој го појасни со тоа дека Македонија и Нов Зеланд се репрезентации, кои се на исто квалитативно ниво како и Ангола.

„Начинот на кој ќе се подготват нашите кошаркари ќе биде од суштинско значење за настап на турнирот, бидејќи противниците се на речиси исто ниво со нас“, рече Де Консеисао.

Ангола долго време важеше за најдобрата африканска репрезентација, но приматот го загуби на последниот шампионат, кога Тунис ја освои шампионската титула, а со тоа и директно се пласира на ОИ во Лондон.

Ангола, досега 10 пати била првак на Африка, оваа селекција, во периодот од 1987 до 2011, само три пати не го освојувала златниот медал, во 1987, 1997 и 2011 година. Ангола има пет учества на Олимписките игри, каде најдобриот пласман го остварија во 1992 година, кога завршија на 10-то место и шест учества на Светските првенства, каде во 2006 година завршија на 10-та позиција.

Репрезентацијата на Ангола е составена од играчи кои играат во домашното првенство, со исклучок на Жоакин Валделисио, кој со 209 сантиметри е највисокиот играч во репрезентацијата, тој настапува на универзитетот во Хаваи.

Ангола претквалификацискиот турнир ќе го отвори против Македонија на 2. јули.

“Макфакс“
Ohridnews