Активистите на Анима Мунди и неколку други здруженија за заштита на животните, обвинија за садизам и насилство врз животните во рамки на годинешното издание на Вевчанскиот карневал. Тие потенцираат дека се згрозени од фотографиите и информациите од карневалот и најостро ја осудуваат злоупотребата, мачењето на животните кое се случило на улиците на Вевчани и за кое сведочат бројни потресени граѓани кои приложуваат слики на Facebook.
-Сликите и коментарите кои пристигнуваат на нашата Facebook страница говорат сами! Кокошки наденати на вили, живи преплашени кокошки врзани за екстремитетите и фрлани во воздух како да се топки, а не живи битија; обезглавена живина; труп на убиено куче заврзано за екстремитетите како плен, влечкано и мавано од толпата за да се прикаже пагански ритуал; живо куче со заврзани очи влечено да оди во толпата народ, иако од превезот не гледа ништо и јасно покажува паника, стрес и уринира од страв; натоварени магариња, коњи приморувани да одат во толпата, тепани доколку не сакаат да продолжат; обезглавени зајаци! Шокирани сме што наместо уметност, досетливост, хумор и сатира, Вевчани овозможи и истолерира насилство, страв и крв, безумие, велат од Анима Мунди.
Оттаму потенцираат дека овие слики ја засениле уметноста која секоја година ја прикажува најстариот карневал во нашата држава.
-Ние, Анима Мунди заедно со здруженијата Анималиа (Охрид); Гласот за животните (Велес); Animal world (Струга); Втора шанса (Кочани); Мали херои (Битола); Фауна (Куманово) се обраќаме до организаторите на Вевчанскиот карневал, Министерството за култура, министерката Елизабета Канческа-Милевска, општина Вевчани, градоначалникот Цветомир Угриноски и бараме јавно да го осудат насилството врз животните кое непречено се случуваше за време на карневалот во Вевчани – да се оградат и осудат истото како манифестација, зошто во спротивно ќе бидат соучесници, пишува во соопштението кое е испратено до медиумите.
Во него се нагласува дека фотографиите на кои се гледа мачењето на животни, се доставени и до Агенцијата за храна и ветеринарство, директорот Зоран Поповски и Секторот за заштита на благосостојбата на животните, со барање итно да се постапи согласно Законот за заштита и благосостојба на животните, а кој вели дека е забрането предизвикување на болка, патење или повреди, сурово или нехумано однесување и побарано е да ги откријат поединците кои стојат зад овие злодела и најстрого и без исклучок да ги казнат.
Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски вели дека заедно со општина Вевчани се оградуваат од секоја маска на василичарите, бидејќи немале никакво влијание и учество при нивната подготовка.
-Карневалот секоја година го организира општината во делот на културно-забавната програма, а што се однесува до василичарите кои се главни актери на 13-ти и 14-ти јануари немаме никакво влијание. Постојат две василичарски друштва од Горно и Долно мало кои ги организираат василичарите. Ние секогаш кажуваме дека маските не се познати пред одржување на карневалот освен традиционалните маски „Зетот и невестата“, „Музиката“, „Црните ѓаволи“ и „Глупавиот Август“. За другите маски ништи не знаеме се до оној момент кога ќе започне дефилето на маски. Како општина се оградуваме од секоја маска бидејќи немаме никакво влијание и учество во нивната подготовка, вели Угриноски.
Според него Вевчанскиот карневал е специфичен и единствен во светот од ваков вид и врз неговото одржување не треба ништо да влијае.
OhridNews
Фото: https://www.facebook.com/AnimaMundiMacedonia














