Здруженито за заштита на животни Анималија со реакција на својата фејсбук страна возврати на обвинувањата на градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески изнесени во изјава за медиумите деновиве, дека здружението не покажало конкретни резултати во опслужувањето на стационарот во Мауцкер, и не ги исполнило договореното од пред две години со локалната самоуправа.
„Според градоначалникот конкретни чекори не сме покажале за решавање на проблемот. Тоа што 2 години секој ден одиме и храниме привремено згрижени кученца од на улица, тоа што на околу 60-70 кучиња и исто толку мачиња дом сме им нашле, тоа што околу 40 кучиња ги имаме стрилизирано на наш трошок, тоа што од сигурна смрт минимум 20 кучиња сме спасиле, тоа според градоначалникот е ништо. Тоа што со месеци сме работеле за да му ја доставиме предлог програмата за решавање на проблемот, тоа што и елаборат за водење прифатилишите сме му доставиле, тоа што со недели сме се обидувале до средба да дојдеме со него за да ги допрецизираме сите неопходности, тоа што градов пред домашни и странци сме го промовирале преку хуманоста што ја чиниме, тоа што со месеци бараме и начин за донации на опрема за прифатилиште, и тоа за градоначалникот не преставува ништо. Тоа што едно кафе немаме време да испиеме од што немаме ни време да постигнеме, тоа што на минусни степени со велосипед одиме 40-50 кученца да ги нахраниме секој ден, тоа што и на пола работно време одиме на работа за лепче за нас да извајме, според градоначалникот сето тоа е детска играчка. Сета наша стручност од препораки поврзани со бездомните животни испаднаа безвредни и сега треба да се земат препораки од некои трети граѓани кои прашање е и дали умеат и кученце да погалат, уште помалку да ги разберат неговите потреби и однесување.“ – стои во реакцијата на Анималиа.
Здружението го повикува градоначалникот да го посети прифатилиштето каде тие се грижат за бездомните животни и лично да се увери што прават волонтерите. Тие сметаат дека општината со најавите дека се разгледуваат други опции за решавање на проблемот со бездомните животни во градот ги убива хуманоста и ентузијазмот, дотолку повеќе што иницијатор на проектот за изградба на соодветно прифатилиште е здружението Анималија кое, како што се вели во реакцијата, и се уште чека властите да ги исполнат дадените ветувања.
„Прифатилиштето не бара да биде водено од лица чиј главен мотив ќе е месечната плата (ги има неколку такви низ Р. Македонија, чиниш тоа конц логори се, а не прифатилишта, да, така ни кажуваат нашите пријатели љубители на животни ширум земјата), не бара ни партиски книшки (та луѓе сме, не папири), тоа бара пред се` и над се` огромна љубов кон животните, бара псоветеност, бара да им зборуваш и пееш на душенцата, бара огромна душа која сочувствува кон живите битија.“ се вели во реакцијата на Анималиа.
OhridNews