По повод Светскиот ден на бездомните животни, 4-ти април, вчера на градскиот плоштад Здружението за заштита на животните „Анималиа” од Охрид организира јавен настан од едукативен карактер, чија цел беше  подигнување на свеста за бездомните животни и за тоа како граѓаните да постапуваат со нив.

Во рамките на настанот, беа собирани донации кои ќе бидат употребени за бездомните животни сместени во кафезите на „Анималиа“.

Одзивот на граѓаните очекувано беше слаб. Иако кафетериите полни, ретко кој застануваше да се распраша што и како, а уште поретко некој да се заинтересира за вдомување на нашите „станарчиња“ или пак да донира некое денарче. Дали недовербата во невладините организации кои никнуваат како печурки после дожд и сомнежот донираните пари да не завршат во нашите џебови, е причината за малиот износ собрани средства? Дали сите граѓани имаат миленици, па затоа не беа заинтересирани за акцијава?“ – се дел од прашањата кои ги поставија активистите на „Анималиа“.

Она што радува е фактот дека едно од бездомните кучиња, за кое во изминатиов период се грижеа активистите на локалното Здружение „Анималиа“, заврши во рацете на охриѓанец, љубител на животните.

Кога почнавме да се прибираме се појави граѓанин кој ги сака животните и реши да го вдоми кучето Мајло. Нема зборови за да ја опишеме среќата која ја доживеаа нашите активсти при тој чин.“ – велат од „Анималиа“.

Активистите на ова здружение се надеваат дека во идниот период, граѓаните ќе покажат поголема заинтересираност за овие акции и директно ќе ги поддржат настаните од ваков карактер.

Како утеха ни остана надежта за поголема заинтересираност и успешност во некој друг иден настан. Ентузијазмот во нас е преголем за да биде разнишан од еден од неуспех. Моментално нашите бездомни животни се пак во кафезите, надевајќи се на некој пок’смет ден.“ – потенцираа од Здружението „Анималиа“.

Инаку, вакви акции по повод денот на бездомните животни ќе бидат организирани насекаде во светот, но и ширум Македонија.

O.T.