Во моментов од и до охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ се лета на седум дестинации: Цирих, Истанбул, Дортмунд, Мемингем, Виена, Амстердам и Манчестер. Последните две се сезонски на тур-операторот Туи. Граѓаните сметаат дека е неопходно да се воведат повеќе летови на Охридскиот аеродром и дека неговата искористеност е недоволна во однос на потенцијалот.

Авион слетува на аеродромот во Охрид. Фото: Анамарија Момироска I OhridNews.

На тоа укажуваат и резултатите од анкетата што за свои потреби изминатиот период ја спроведе Охридњуз. На прашањето: „Дали се потребни нови авио линии на аеродромот во Охрид?“, со Да одговориле 90 отсто од анкетираните, а 10 проценти сметаат дека тоа не е потребно. Со анкетата се опфатени 1011 читатели на порталот.

Засега е најавена нова линија на Визер од Охрид до Базел која ќе стартува во октомври. Во изјава за медиумите дадена во Охрид, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски“, истакна дека владата интензивно работи на отворање нови авио линии, но и на привлекување авиокомпании. Во тек се преговори со Рајанер, за што јавноста наскоро ќе биде запознаена.

 

Исто така, во најава е и нова инвестиција на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ што ќе ја реализира компанијата ТАВ Македонија, со која ќе се подобрат усовите и ќе се прошират капацитетите на воздушното пристаниште во Охрид.

Г.М.

Следна анкета: Дали треба построга регулација на пловидбата и план за воведување еколошки пловила на Охридското Езеро?