Зимата е на прагот, а градовите во Македонија, вклучително и Охрид, се гушат во загаден воздух. На моменти загадувањето е ектремно високо, поради што во одредени населени места беа активирани мерки за заштита.
Загадувањето на воздухот е поизразено во раните утрински часови, а најмногу во доцните попладневни и вечерни часови. Тоа го покажуваат и мерењата на мониторинг станицата за квалитет на амбиентен воздух во мрежата на Министерството за животна средина и просторно планирање, поставена на булеварот „Туристичка“ кај ОУ „Григор Прличев“. На 10 декември вечерта во 21 часот, концентрацијата на штетните ПМ 10 честички била 173,5 микрограми на метар кубен што е повеќе од три пати над дозволеното ниво (50 микрограми на метар кубен), а исклучитено висок бил пикот на уште поопасните ПМ 2,5 честички кои може длабоко да навлезат во човечкиот организам – 108 микрограми на метар кубен кубен, што е над дозволената концентрација која изнесува 35 микрограми на метар кубен во 24 часа. Следниот ден мерењата во 20 часот забележале уште повисок пик, односно концентрацијата на штетните честички во воздухот била уште повисока во тој период од денот: ПМ 10 – 298,7 мгм3/ПМ 2,5 – 216,3 мгм3. Загрижувачки висока концентрација во одредени времски периоди, најчесто навечер, на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички имало и во наредните денови, вклучитечно и синоќа во 01 часот кога е измерена концентрација на ПМ 10 честички во воздухот од 117 мгм3, односно на ПМ 2,5 честичките од 91,2 микрограми на метар кубен.
Во одредени периоди од денот висок пик на загаденост во Охрид изминатите денови
Загадувањето на воздухот се должи на повеќе фактори. Охрид нема тешка индустрија, а сообраќојот во зимскиот период е умерен. Најголемото загадување доаѓа од домаќинствата, односно од начинот на греење. Според анкетата на Охридњуз што ја реализиравме изминатиот период, 40 отсто од домаќинствата во Охрид се греат на дрва или пелети, а ако на тоа се додадат и неповозните климатските состојби и зголемената урбанизација, ефектот е зголемено загадување на воздухот.

Покрај тоа што влијае на загадувањето на воздухот, човекот забрзано ги троши и природните ресурси. Ова го потврдува Студијата за еколошки отпечаток на Општина Охрид, што беше презентирана неодамна. Истата покажува дека секој жител на Општина Охрид троши 55% повеќе природни ресурси отколку што се достапни во самата општина.
Студијата е изготвена според стандарди на УНЕСКО, а во пресметките земени во вид се повеќе клучни области кои имаат влијание врз животната средина како енергетиката, храната, туризмот, инфраструктурата и други сектори и потсектори.
Еколошки отпечаток всушност покажува колку човекот троши и испушта емисии во природата и доколку истиот е повисок од биолошкиот капацитет на општината се случува еколошки дефицит, затоа што се трошат повеќе ресурси отколку што природата може да апсорбира. Во спротивно, доколку биокапацитетот е поголем тоа е позитивно затоа што се создаваат повеќе природни ресурси отколку што се трошат.
Документот претставува основа за подобро планирање и управување со природните ресурси, идентификување на клучните извори на притисок врз животната средина, креирање на политики за одржлив развој и унапредување на квалитетот на живот и заштита на животната средина.
Г. Момироски
Следно анкетно прашање: Каков Охрид сакате да видите во 2026 година?




















