Идејата за изградба на регионална депонија во сливот на Охридското Езеро нема поддршка од граѓаните. На ова укажуваат резултатите од онлајн анкетата што изминатиот период за свои потреби ја спроведе OhridNews.
Како што е познато, со средства на ЕУ беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца. На тоа освен локалното население се противи и дел од стручната јавност со образложение дека Дебрца е дел од сливното подрачје на Охридското Езеро каде не смее да се гради депонија, без оглед што станува збор за таканаречена зелена технологија и модерен начин на преработка и депонирање на отпадот. Според нив последиците од изградба на депонија во Дебрца би биле крајно негативни.
Граѓаните на Дебрца против изградба на регионална депонија се изјаснија и на референдум, чија важност сега е доведена во прашање, откако владата времено го презеде управувањето со отпадот од општините. Целта на таквата одлука, како што соопшти владата, е решавање на проблемот со депониите, бидејќи општините во планските региони не можат да се договорат каде да се изгради заедничка депонија, што е случај и со Југозападниот плански регион.
OhridNews
Следно анкетно прашање: Дали градот Охрид ќе има придобивки од адаптирање на Kej „Македонија“ („Маршал Тито“) во пешачка зона?












