Анкета на населението во Македонија која ја објави денеска Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) открива значителен пораст на оптимизмот во врска со политичката ситуација во земјата и изгледите за членство во ЕУ.

„Додека претходните анкети на ИРИ одразуваа длабока вознемиреност и песимизам во врска со стабилноста и траекторијата на Македонија, резултатите од ова истражување се многу охрабрувачки“, рече регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Сурочак. Новата влада треба да го препознае ова како можност да ја поврати довербата на граѓаните на Македонија и да преземе суштински мерки за решавање на прашањата кои се од најголема грижа за граѓаните.“

Бројот на граѓани кои ја опишуваат внатрешната политичка ситуација како „мирна и стабилна“ скокна од само 5 проценти во март 2017 на 44 проценти во август 2017 година. Оваа промена е веројатно поврзана со неодамнешното формирање на нова влада по две години на жесток политички конфликт и несигурност. Процентот на оние кои ја опишуваат моменталната состојба како „напната и неизвесна“ падна за 18 проценти (62 проценти во март 2017; 44 проценти во август 2017), а бројот на оние кои ја нарекуваат ситуацијата „критична и нестабилна“ бележи пад од 22 проценти (32 проценти во март 2017; 10 проценти во август 2017).

Македонските граѓани, исто така, изгледа дека се пооптимистични по прашањето за изгледите за пристапувањето кон Европската Унија. Бројот на оние кои мислат дека земјата сега е поблиску до пристапувањето во ЕУ отколку кога го доби кандидатскиот статус, скокна од само 13 проценти во март 2017 година на 41 процент. Поддршката за членството во ЕУ и понатаму е силна на 77 проценти – подобрување за 5 проценти од март 2017 година. 

Обновеното чувство на стабилност што се рефлектира во истражувањето, исто така, може да допринело за пооптимистички поглед кон економијата. Триесет и три проценти сега веруваат дека економијата ќе се подобри во текот на следните две години – зголемување за 12 проценти од март 2017. Исто така, се чини дека песимизмот во однос на квалитетот на животот во Македонија е намален: бројот на испитаници кои сметаат дека нивниот квалитет на живот се влошува, се намалил од 38 проценти во март 2017 на 24 проценти.

Анкетата е спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку Брима, во периодотод 4 до 21 август 2017 година преку интервјуа лице-во-лице на национално репрезентативен примерок од 1.105 испитаници на возраст над 18 години. 

OhridNews