Во Охрид, актуелниот градоначалник полека ја губи довербата кај граѓаните, покажува анкетата на Институтот „Павел Шатев“, пренесува „Макфакс“.
Според податоците на оваа анкета, актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ, Александар Петрески, заостанува за десетина отсто зад кандидатот на владеачката партија, д-р Никола Бакрачески, кого го подржуваат 42 отсто од испитаниците, наспроти Петрески кој ја ужива довербата кај 31,1 отсто од охриѓани.
Во неколку големи општини во Македонија, актуелните градоначалници кои се борат за втор или трет мандат имаат огромна поддршка од сограѓаните. Таква поддршка имаат градоначалниците на Прилеп, Аеродром и Радовиш, а во неколку други општини процентот е многу близу до 50 отсто.
Од испитаните скопјани, 47,9 отсто се изјасниле дека ќе гласаат за Коце Трајановски, а само 15,9 отсто му ја искажале довербата за Јани Макрадули од СДСМ.
Голема поддршка покажува анкетата и за кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ во Битола, актуелниот градоначалник, Владимир Талевски, за кој се определиле 38,7 отсто од гласачите, а за Менде Диневски од СДСМ, 13,2.
Од друга страна во Струмица, анкетата на „Павел Шатев” покажува водство за актуелниот градоначалник Зоран Заев од СДСМ, 29,3 отсто, но веднаш зад него е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев со 27,3 отсто поддршка.
Во Општина Карпош каде се очекува најжестока борба по одвојувањето на градоначалникот Стевче Јакимовски од СДСМ и неговото преминување во СНС, но сепак тој ја има поддршката со 27,5 отсто, наспроти Андреј Петров од СДСМ со 14,7 отсто и Јагнула Куновска од владејачката коалиција со 20,1 отсто поддршка.
За Ресен води независниот Димитар Бузлевски со 29,8 отсто, Ѓоко Стрезовски од ВМРО-ДПМНЕ со 28,7 отсто, додека Јордан Проевски од Сојузот за иднината е поддржан од 14,3 отсто.
Во Куманово во предност е актуелниот градоначалник Зоран Дамјановски од СДСМ со 29,7 отсто, наспроти Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ со 28,9 отсто. Советот од коалицијата за подобра Македонија има доверба од 24,2 отсто, наспеоти оние од СДСМ со 17,8.
Во Велес, во благо водство е кандидатот за градоначалник од редовите на Сојузот за иднината, Аце Коцевски, со 36,4 отсто, наспроти кандидатот на Коалицијата за подобра Македонија, Славчо Чадиев, 35,8 отсто.
Огромна е и поддршката за Биљана Беличанец од ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода од 43,8 отсто, наспроти Љупчо Васовски од СДСМ со 12,1 отсто.Беличанец во Кисела Вода би добила и свој совет, кој има поддршка од 39,6 отсто, наспроти советниците на СДСМ со 17,5 отсто.
Инаку, анкетата е спроведена телефонски во поголемите општини и Градот Скопје, на стандардизирани примероци во кои биле опфатени помеѓу 600 и 1.000 испитаници во зависност од бројот на населението.
Притоа биле запазени и сите демографски карактеристики специфични за секоја општина поединечно. Истражувањата биле спроведени од 4 до 15 март 2013 година.
OhridNews
извор: „Макфакс“