Граѓаните се децидни, не правиме доволно за зачувување на уникатното природно и културно наследство на Охридскиот регион. Анкетата што на оваа тема изминатиот пертиод за сопствени потреби ја спроведе OhridNews, покажува дека 94 отсто од учесниците сметаат дека не правиме доволно за зачувување на уникатното природно и културно наследство на Охридскиот регион, а само 6 проценти сметаат дека по ова прашање правиме доволно.

Во месец февруари Македонија и Албанија изготвија Извештај за состојбата и напредокот во зачувување на природното и културното наследство во Охридскиот регион, кој е поднесен до УНЕСКО. Сега се чека одговорот.

Македонија во 2010 година донесе Закон за управување со светското културно и природно наследство на Охридскиот Регион, но до 2017 тој воопшто не се почитувал. Од овој закон произлегува Планот за управување со светското културно и природно наследство на Охридскиот Регион, кој претставува сериозен проблем за институциите поради неговото преклопување со други законски и подзаконски акти. Трета, и многу важна работа е што законите и обврските кои произлегуваат од обврската за заштита на универзалните вредности на регионот, не се почитуваат и применуваат подеднакво посветено од сите општини. Така на пример Општина Струга се уште не поднела извештај за дивоградби, но впечаток е дека по прашањето на УНЕСКО општините немаат ист пристап.

Невладиниот сектор, пак, ги критикува како државните политики, така и општините по прашањето на УНЕСКО. Тие сметаат дека Охридскиот регион треба да добие статус на загрозено подрачје со цел да се искористат механизмите на УНЕСКО и меѓународните организации за зачувување на вредното природно и културно светско наследство на Охрид и регионот, кое поради негрижа сега е доведено во опасност.

Следната недела во државава доаѓаат претставници од Бернска конвенција, Рамсар и УНЕСКО, да ја согледаат одблиску состојбата со заштитата на природното и култирното наследство на Охридскиот регион, но и за Маврово, а по тужба против државата на НВО Фронт 21/42.

Г. Момироски

Следна анкета: Дали планирате годишен одмор надвор од државата?