Поддршката на граѓаните за проектот „Скопје 2014“ опаѓа, покажале резултатите од спроведената анкета на “TNS Brima Gallup Intl”, спроведена низ целата држава.

Од анкетираните 42.7% имаат многу негативно мислење за проектот, а донекаде негативно мислење имаат 15.1%, или вкупно 57.8% имаат негативно мислење за „Скопје 2014“. На другата страна се 10.9% од испитаниците со многу позитивна оценка за проектот и 15.5% со донекаде позитивна, или вкупно 26.4% од граѓаните имаат позитивно мислење за проектот. Индиферентни (со ниту позитивно/ниту негативно мислење за проектот) се 15.8. граѓани.

Ако се анализираат одговорите на испитаниците според етничката припадност се воочуваат драстично различни перцепции кај Албанците, од една страна, и Македонците и останатите заедници од друга. Сепак, и кај Македонците расположението кон проектот “Скопје 2014” е доминантно негативно со речиси една половина од анкетираните со негативен одговор и една третина со позитивен (кумулативно).

Ако се споредат резултатите од ова истражување со оние на истражувањето на Дневник во 2010 година, спроведено од агенцијата Рејтинг, ќе се увиди дека процентот на испитаници кои негативно гледаат на проектот е без значајна промена. Но, поддршката за проектот е драстично опадната за една третина од 39% на 26.4%.

 
Теренското истражување било спроведено во периодот помеѓу 30-ти Август и 4-ти Септември 2012 на репрезентативен примерок од 1165 испитаници.

OhridNews