
Доколку утре се одржат парламентарни избори, 25,1 отсто од анектираните одговориле дека ќе гласаат за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додека помалку од половина од тоа односно 11,7 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат во овој момент за најголемата опозициска партија СДСМ.
За ниедна партија нема да гласаат 13,3 отсто, за друга 1,5, а дури 35 отсто испитаници одговориле со „не знам“ или немале одговор.
Меѓу албанските партии води коалициониот партнер во владата Демократската унија за интеграција (ДУИ) со 8 отсто, пред Демократската партија на Албанците (ДПА) со 4,1 и Националната демократска преродба (НДП) со 1,3 отсто.
Кога станува збор, пак, за политичарите како авторитети во коишто избирачите имаат доверба, со голема разлика прв во одговорите на испитаниците е премиерот Никола Груевски со 28,5 отсто. Помалку, односно 25,1 отсто од анкетираните одговориле дека не знаат или не дале одговор, а 23 отсто воопшто не чувствуваат како авторитет некој од македонските политичари, додека за друг политичари се изјасниле само 2,6 отсто од испитаниците.
По Груевски, следи лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети со 7,9 отсто, а лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски е трет со 5,2 отсто од довербата на испитаниците во анкетата на Институт Димитрија Чуповски.
Следи како четврти лидерот на ДПА, Мендух Тачи со 3,3 отсто, лидерот на НДП Руфи Османи со 1,5 отсто, а на листата авторитетни политичари е и поранешната лидерка на СДСМ, Радмила Шеќеринска којашто има доверба кај граѓаните од 1,1 отсто.
На листата се и уште двајца лидери чиишто партии учествуваат во владејачката коалиција, претседателот на македонските социјалисти СПМ, Љубисав ИВанов Ѕинго исо 0,9 и Лилјана Поповска на еколозите од ДОМ со 0,7 проценти, додека поранешниот претседател на Собранието на РМ, и лидер на НДСП партнер во опозициската коалиција предводена од СДСМ, Тито Петковски има доверба од 0,1 отсто.
Анкетата на Институтот „Димитрија Чуповски“ спроведена е телефонски од 16-ти до 18-ти мај и со неа биле опфатени 1.540 испитаници од сите шест изборни единици во државата. Дополнителна поделба била направена и според урбаните и руралните населени места.
извор: „Макфакс“












