За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,5 отсто од граѓаните, за СДСМ – 25,2 отсто, за ДУИ – 10,5 отсто, за ДПА – 4,8 отсто, а неопределени се 25 отсто од гласачите, покажува новата анкета на агенцијата „Фактор плус Адриа“, пренесува „Макфакс“.

Споредено со анкетата во декември, за два отсто се намалил рејтингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а речиси за 4 отсто пораснал рејтингот на опозициската СДСМ.

Истата анкета, покажува дека доколку во недела би се одржале избори, 58 отсто би излегле да гласаат, а дури 80 отсто знаат за кого би гласале.

На прашањето „Дали по Вашето мислење сите партии рамноправно се застапени во медиумите?“, 57 отсто од анкетираните одговориле „не“, 35 отсто одговориле „да“, а 8 отсто одговориле „не знам“.

Подобрувањето на секојдневниот живот, здравството и на борбата против корупцијата и криминалот се темите што, според анкетираните, се најважни за Македонија. На последно место, според истражувањето, се односите меѓу етничките групи.

Исто така, она што повеќето од граѓаните го чувствуваат во однос на целокупната состојба во општеството е незадоволство, бес, односно загриженост и страв.

Членството на Македонија во ЕУ го поддржуваат високи 77 отсто од граѓаните, додека 16 отсто се против.

Според истражувањето, препораките на ЕУ и на САД да се одложат изборите, за 46 отсто од анкетираните се поради поддршка на демократските вредности во Македонија, додека 29 отсто сметаат дека тоа е поради остварување на лични интереси во Македонија.

Анкетата била спроведена телефонски, на репрезентативен примерок од 1.150 граѓани во периодот од 15 до 22 март 2016 година.

OhridNews
извор: „Макфакс“