Македонците ја сметаат Србија за најпријателска земја, а Албанците во Македонија ја сметаат Албанија, но и едните и другите се сложуваат дека Грција е најмалку пријателска земја кон Македонија, покажа анкетата на Институтот „Димитрие Чуповски“, пренесува „Макфакс“.

Повеќе од половината испитаници ја сметаат Србија за пријателски настроена земја кон Македонија и тоа 56,6 отсто, секако со значителна разлика во однос на етничката припадност. Така 66,6 отсто од Македонците и 79,5 отсто од другите националности ја сметаат Србија за пријателска земја, додека само 21,8 отсто од Албанците го мислат тоа.

Очекувано за Албанија перцепцијата е дека таа е пријателски настроена земја кај 33,2 отсто од испитаниците, но тој процент е изваден од 79,8 отсто Албанци и 18,2 отсто Македонци испитаници.

Дека Бугарија е пријателски настроена земја кон Македонија сметат 27,2 отсто од испитаниците и тоа 23,5 Македонци и 36,1 отсто Албанци.

Најмала е довербата кон Грција и тоа само 7,1 отсто од испитаниците, или 6,2 Македонци и 9,7 отсто Албанци.

Дека Косово е пријателски настроена земја кон Македонија сметаат 26,4 отсто од испитаните и тоа 10, 6 отсто Македонци, 77 отсто Албанци и 20,5 друга националност.

На прашањето „Која од овие земји е најдобронамерна  кон Македонија?“ Македонците одговориле дека тоа е Србија и тоа 60,4 отсто, додека за Албанците тоа е Албанија 43,2 отсто. Бугарија доби 3,5 отсто, Грција 0,9 отсто, Косово 4,3 отсто.

Најмалку добронамерна граѓаните ја сметаат Грција и тоа 59, 4 отсто, а со околу 60 отсто гласале и Македонците и Албанците и другите националности.

Голема разлика меѓу Македонците и Албанците има за тоа дека Србија е најмалку добронамерна, па така само 0,4 отсто од Македонците така се изјасниле, додека од Албанците тоа го мислат 19,8 отсто, а вкупно е 4,9 отсто.

За најмалку пријателска земја Албанија доби 5,3 отсто, Бугарија 5,3  и Косово 4,2 отсто.

Анкетата ја спроведе Институтот „Димитрија Чуповски“  во вториот дел од телефонското истражување, спроведено помеѓу 17 и 21 мај 2013 година, на 1.050 испитаници.

Анкета која се состоеше од неколку прашања за релациите на Македонија со земјите од опкружувањето, меѓу кои особено беа интересни перцепциите на македонските граѓани во однос на соседите, а особено во пресрет на јунскиот извештај за Македонија од страна на европската комисија и добрососедските односи, кои дел од земјите од нашето опкружување ги наметнуваат како клучни за нашиот напредок на патот кон ЕУ.

OhridNews

извор: „Макфакс“