Шумскиот пожар на планината помеѓу с. Вапила и с. Расино е локализиран со тенденција за ликвидација за кратко време информира командирот на Територијална противпожарна единица Охрид, Борко Јанкулоски.

Пожарот е локализиран, но сеуште не е целосно ликвидиран. На средина се уште чади каде што има зажарени стебла и поради тоа не го сметаме сеуште за целосно изгаснат, но е локализиран со тенденција за ликвидација за кратко време. Екипите од ТППЕ Охрид се повлекуваат од терен, додека на терен остануваат екипи од ЈП „Национални шуми“ кои ќе ја набљудуваат состојбата, вели Јанкулоски.

Како што претходно информираа од Центарот за управување со кризи денес на терен било интервенирано од страна на екипите на Територијалната противпожарна единица ТППЕ – Охрид, Доброволно противпожарно друштво, единиците на локалната самоуправа и мештаните, а во пожарот зафатена била деградирана шума и борова и дабова шума.

Од ЈП „Национални шуми“ истакнаа дека вкупната зафатена површина и направената штета дополнително ќе се проценуваат.

Н.С.Ј.