Ќе докажаме дека не сме погрешиле и не сме направиле ништо лошо, пишуваат во заедничка изјава за јавноста, македонскиот интернационалец Перо Антиќ и неговиот соиграч во Атланта Хоукс, Табо Сефолоша откако беа пуштени на слобода по дадениот исказ прес судот во Њујорк за инцидентот што се случи во средата рано наутро во ноќен клуб во Челзи.
„Како членови на Атланта, се придружуваме кон високите стандарди на однесување и нашата улога во професионалниот тим е максимално сериозна. Ќе сториме сè за да докажеме дека не сме погрешиле и не сме направиле ништо лошо. Им се извинуваме на семејствата, на соиграчите и на сите од тимот на Атланта за негативниот публицитет што им го донесе овој инцидент. Не смееме да коментираме повеќе сè додека трае процесот“, се вели во заедничката изјава.
Кошаркарите добија поддршка и од нивниот тренер, Мајк Буденхолцер кој напиша дека зад нив стои целиот тим.
Во средата наутор околу 4 часот по локално време Антиќ и Сефолоша беа приведени поради попречување увид на полицијата по инцидентот во њујоршки клуб во којшто беше ранет кошаркарот на Индијана Крис Коупленд и неговата сопруга.
Напаѓачот е уапсен, а во инцидентот е ранета уште една жена која била со напаѓачот. Повредените се во стабилна здравствена состојба.
„Макфакс“