“Се наоѓаме во одлична серија. И покрај сите проблеми кои ги имаме со неподмирените долговои кон фудбалерите, успеваме преку добри игри да ја задржиме атмосферата во екипата ,а притоа на охриѓани да им приредиме и фудбалски задоволства – вели стратегот на Охрид, Драган Антиќ во пресрет на стартот од вториот круг во лигата.


Српскиот стручњак кој го препороди охридскиот тим апелира да се средаат турбуленциите во клубот и да може да се фокусираат на фудбалот.

– Час поскоро треба да се средат работите во клубот, да прекинат турбуленциите и да мислиме само на фудбалот. Верувам дека овој тим на Охрид со неколку засилувања има потенцијал не да се бори за опстанокот туку да избори и место во европските натпреварувања. Тоа е моја голема желба, верувам во тоа, а ако не верувам не би ни дошол во Охрид за да работам – истакна Антиќ.


Охрид во првиот меч од вториот круг ја пречекува Ренова, која на премиерниот меч славеше со 2-0 благодарение на головите на Бобан Јанчевски.

– Сега ситуацијата е сосема различна. Далеку сме поподготвени од тој меч, а исто така сме во одлична кондиција. Фудбалерите работат добро, физичката подготовеност е на повисоко ниво, а само така спремни фудбалери може да ги исполнат тактичките задачи кои ги барам од нив. Морам да напоменам дека на последниот меч во првиот дел против Напредок, одлично ја движевме топката, креиравме шанси, додека потоа несватливо се загубивме. Им обрнав внимание на поискусните фудбалери дека таков однос е недозволив и не смее да се повтори. Имаме одличен распоред кој сигурно моеже да ни донесе мирна зима – завршува Антиќ.

Натпреварот Охрид – Ренова се игра в сабота од 14 часот.

М.П.