Комисијата за спречување на корупцијата ќе го разгледа случајот во врска со договорот за цесија преку кој Социјалдемократскиот сојуз го платил долгот што го имала телевизијата А1 кон Советот за радиодифузија, јавува „Макфакс“.

„ДКСК како и сите други наводи ќе го разгледа и овој навод објавен во медиумите. Во принцип финансирањето и работењето на е медиумите, па дури и купувањето на концесија не е од наша надлежност. Можеби од наш интерес ќе биде да испитаме дали е ова вистина, дали навистина СДСМ ги уплаќала парите за концесија на А1  и која е врската на рекламирањето на СДСМ во време на избори , од аспект на материјалното-финансиско работење на СДСМ и финансирањето на концесијата на А1“  изјави Илми Селами, член и поранешен претседател на ДКСК за Макфакс.

Управата за јавни приходи е запознаена со случајот и ја разгледува документацијата.

 “Запознаени сме со случајот и документација и истите се разгледуваат од страна на надлежните служби на УЈП кои работеле истовремено и на случајот на А1 телевизија“ вели Весна Новаковиќ, портпарол на Управата за јавни приходи.

Од министерството за внатрешни работи велат дека УЈП го документира случајот и дека доколку имаат потреба, МВР им стои на располагање за евентуално поднесување на кривична или прекршочна пријава. Дали е утврдена одговорност засега кај некој

Од СДСМ велат дека партијата согласно сите законски прописи ги подмирила своите обврски кон А1 телевизија исто како што ги платила своите обврски кон сите други печатени и електронски медиуми.

„Во овој случај е искористен инструментот во платниот промет, т.н. цесија, кој повторно го воведе во сила, токму Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до СДСМ, работата е кристално чиста. Режимско- партиските мегафони на власта, за да не излезат смешни пред јавноста, требаше да сочекаат и да видат дека СДСМ во својот финансиски извештај ја има доставено до надлежните државни институции: Државна изборна комисија, Државна комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, во законски определениот рок, целокупната документација поврзана со изборната кампања на СДСМ, вклучително и документацијата со која што вчера мафтаа по медиумите“ се вели во соопштението на СДСМ.

Од А1 телевизија велат дека во ова нема ништо спорно. „Тоа е редовна постапка за плаќање со цесија. И други фирми ни плаќаат така. Ние така функционираме пет месеци не само со СДСМ туку и со други фирми. УЈП дозволува да си поделиме плати по пат на цесија. Тоа е механизам што државата ни го овозможува во време на замрзната сметка“ е ставот на А1.

Вчера дел од медиумите објавија дека Социјалдемокартскиот сојуз преку договор за цесија ја плати концесијата на А1 телевизија во советот за радиодифузија.

Претседателот на Советот за радиодифузија рече дека тоа била леглана форма за плаќање, кога на фирмата и е блокирана сметката.

Трите страни склучиле договор за цесија на 25 Мај. Два дена по изборите, на 7 јуни, Социјалдемократите ги уплатиле 40 -те илјади евра на Советот за радиодифузија.

OhridNews
извор: „Макфакс“