Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК, разгледува повеќе иницијативи на граѓани за корупција во урбанизмот и градежништвото во општина Охрид, истакна претседателот на ДКСК, Илми Селами. Покрај во Охрид, Антикорупциската комисија воочила широк простор за злоупотреба во овие области и во неколку други општини, што на советувањето одржано пред десетина дена во Скопје им било предочено на претставниците на локалните самоуправи секторите, на кое присуствувал и претставник од Секторот за урбанизам од Охрид.

– Охрид е еден од центрите каде што има корупција и криминал во областа на  урбанизмот, како што има и во Скопје, Тетово и во другите поголеми градови, изјави Селами, кој деновиве во Охрид  учествуваше на меѓународната конференција за борба против корупцијата.

Од општина Охрид ги отфрлаат сомнежите за корупција во урбанизмот. Раководителот на секторот за урбанизам и заштита на животната средина при општина Охрид, Бранко Арнаудоски, вели дека администрацијата при изготвување на урбанистичките планови се раководи исклучиво според законот.

– Не знам во кој смисол е тоа коруптивно однесување на службите. Ние при донесување на урбанистичките планови се придржуваме на постојната законска регулатива, односно до Законот за просторно планирање и на Законот за градба, како и на другите подзаконски акти и одредби за заштита на животната средина, изјави Арнаудоски.

Според него нема ништо спорно, ниту  во постапката за издавање  локална планска документација со која се овозможува донесување урбанистички план само за една градежна парцела. –Со последните измени на законот се овозможува со Локалната планска урбанистичка документација  да се донесе урбанистиочки план за една градежна парцела, согласно одредбите во законот кои јасно ги одредуваат рамките во кoи може да се движи висината, габаритот и искористеноста на просторот на кој може да се гради, објаснува Арнаудоски.

Раководителот на секторот за урбанизам  укажува дека општинската администрација  се соочува со проблеми поради честото менување на законот за градба , кој како што истакна, само во последните пет години е изменет неколку пати, што предизвикува конфузија кај граѓаните, поради што тие изразуваат сомнеж во постапките за донесување на урбанистичките планови.

OhridNews