Антонио Милошоски се откажува од функцијата министер за надворешни работи.  Тој министерската функција ќе ја замени со пратеничкото место во Собранието, каде ќе биде претседател на Комисијата за надворешна политика.

Одлуката да се откаже од функцијата министер за надворешни работи, Антонио Милошоски рече дека била донесена од семејни причини.

„Имав дилема, плаќав висока и скапа цена заради предолгото и пречестото отсуство од домот. Дилемата беше дали да се биде добар министер или да се биде добар татко. ВМРО-ДПМНЕ има добри човечки потенцијали, министер може да биде и друг човек, но татко на мојот син не може да биде никој друг освен мене.“

Тој истакна дека функцијата министер ја извршил со полн ентузијазам и посветеност и најави дека следната негова функција ќе биде пратеник во Собранието.

Милошоски изрази очекување дека ќе му биде доверено и претседавање со собраниската Комисија за надворешни работи.

За тоа дали да биде министер во идната влада, Милошоски и премиерот Никола Груевски разговарале уште пред шест месеци, а разговорите продолжиле и по изборите, по што била донесена конечната одлука.

Милошоски информираше дека премиерот Груевски размислувал за две-три опции за пополнувањето на министерското место,  но не сакаше да открие за кои имиња станува збор, бидејќи као што рече смета дека ќе направи пропуст ако навлезе во било какви подробности.

„Како министер што стекна политичко и дипломатско искуство, свесен сум дека и понатаму треба да бидам на располагање на идниот министер на премиерот и на претседателот на државата“, рече Милошоски додавајќи дека досега министерството за надворешни работи имало плодна соработка со претседателот и владата.

Најдоцна за една недела на јавноста ќе и биде познат не само новиот министер, туку и целосниот состав на новата влада.

OhridNews
извор: „Макфакс“