ЕВН Македонија ги повикува земјоделците на внимателно ракување со земјоделската механизација и опрема во близина на далноводите од дистрибутивната мрежа. Од компанијата потенцираат дека особено внимателни треба да бидат додека ракуваат со опремата за наводнување.
– Извршување на земјоделски активности под електричните водови треба да се избегнува односно да се ограничи само на оние кои мора да бидат изведувани и во таков случај задолжително треба да се преземат мерки за безбедност. Металната опрема како што се цевки за наводнување и разни видови на прскалки, во никој случај не смее да дојде во директен допир или да се приближува до проводниците од надземните водови. Не смее да се поставуваат метални цевки за наводнување паралелно со трасата на надземниот вод и при наводнување, задолжително да се избегнува приближување и контакт на водениот млаз со надземните водови. Особено да се обрне внимание и на силината и правецот на ветерот, додаваат од ЕВН Македонија.
Во близина на електричните водови, цевките за наводнување во никој случај не смеат да се поставуваат вертикално ниту при нивно празнење ниту при транспортот. Транспортот на останатата опрема за наводнување мора да биде исклучиво во хоризонтална положба.
Во врска со сите отворени прашања, за безбедно изведување на активности во близина на електрични водови Стручните лица од ЕВН Македонија, постојано се на располагање.
OhridNews