Непознати сторители вчера го запалиja македонското знаме пред Споомен куќата на Браќата Миладиновци во центарот на Струга и каменуваa автобус на локален автопревозник кој се обраќа кон Вевчани, а пред зградата на општината на јарболите наместо официјалните знамиња и симболи беа истакнати верски знамиња. Градоначалникот Мерко смета дека случувањата во Струга се увезени и многу опасни игри кои можат да влијаат на добрите меѓуетнички односи во градот. Иако го предводеше вчерашниот протест тој вели дека собирот не бил политички мотивиран, а го поддржал затоа што смета дека се повредени чувства на граѓаните, и дека тоа ќе го прави секогаш кога ќе биде загрозен соживотот во Струга.
– Протестот не е задоцнет и се случи дури сега затоа што очекувавме дека општина Вевчани ќе реагира и ќе ги осуди испадите на карневалот, каде може да се исмејуваат политичарите и случувањата, но никако да се навредуваат чувства на верници и нации, возврати Мерко.
-Ова има политичка позадина во тоа сме убедени сите, вели граѓанин на Струга.
По последните случувања,вонредна седница одржа Комисијата за односи меѓу заедниците (КОМЗ) од Струга, на која било расправано за меѓуетничките односи во општината.
Со цел надминување на новонастанатите состојби Комисијата за односи меѓу заедниците предлага:
– Градоначалникот на Општина Струга што е можно побрзо да се сретне со градоначалникот на Општина Вевчани за да ги разгледаат новонастанатите состојби, како и да излезат со заеднички став;
– Претставниците на Струшкото муфтиство со посредништво на градоначалникот на Општина Струга, да се сретнат со градоначалникот на Вевчани и организаторите на карневалот;
– Одржување на вонредна седница на советот на Општина Струга, со единствена точка на дневен ред: Разгледување на меѓуетничките односи во Општина Струга;
– Став на КОМЗ е дека спортистите што ги бранат боите на Република Македонија се претставници на сите граѓани и затоа нивниот пречек треба да биде граѓански и на него да земат учество претставници на сите заедници;
– Комисијата ги осудува сите активности кои негативно се рефлектираат врз добрите меѓуетнички односи во општината и државата;
Дополнително во насока на смирување на страстите КОМЗ апелира до населението и остантатите засегнати страни да бидат воздржани, да не подлегнува на било какви провокации кои што може негативно да влијаат на добриот соживот помеѓу граѓаните на Општина Струга.