Фудбалската репрезентација на Аргентина е вториот финалист на Мундијалот во Бразил. Во полуфиналето, синоќа, „гаучосите“ ја совладаа репрезентацијата на Холандија по изведување на пенали со 4:2.
Натпреварот со многу тактичко надмудрување и без mмногу фудбалска убавина во регуларниот тек заврши 0:0, а голови немаше ниту во продолженијата, иако резервистите Паласио и Макси Родригез пропуштија две големи шанси да и донесат победа на Аргентина. Најголемата прилика за Холандија ја имаше Робен во судиското продолжување на регуларниот тек од натпреварот но во последен момент спаси Маскерано. Во пенал серијата блесна голманот на Аргентина Ромеро кој ги одбрани ударите на Влар и Снајдер. Прецизни од белата точка беа Меси, Агуеро, Гарај и Макси Родригез кај Аргентина, а Робен и Кајт кај Холандија.
Во финалето на Светското првенство, во недела, на легендарниот стадион „Маракана“ ќе се сретнат Аргентина и Германија. Еден ден претходно во меч за третото место ќе се сретнат Бразил и Холандија.
OhridNews
фото:fifa.com