Археологијата, одржливоста, како и инклузивноста во туристичкиот и економскиот развој на градовите со археолошки богатства се во фокус на меѓународната работилница што под наслов „Заштита и промоција на културното наследство како ресурс за инклузивен и одржлив развој“ се одржува во Охрид во организација на НУ Завод и Музеј Охрид и Форумот на словенски култури, а во рамки на програмата на Министерството за култура и туризам.

Настанот ги собра учесниците од земјите-членки на Форумот (Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Чешка), откако минатата година охридската институција ја освои престижната награда „Жива“ за најдобар словенски локалитет.

​Стратешко поврзување и промоција на археолошките локалитети пред светската јавност

Археологијата е еден од примарните сегменти во културното наследство. Локалитетите и ископувањата треба да бидат отворени и приспособени за секојдневните посетители, а соработката со локалните заедници кои живеат со таа археологија е од исклучително значење. ​

Треба да знаеме за кого правиме презентација. Кога се прават ископувања, истражувања, да знаеме дека тоа е отворен простор, бидејќи луѓето секојдневно поминуваат па се прашуваат што е ова, што е она. Така што, да се подготвиме за сите тие луѓе. ​Размислуваме за тоа да направиме мапа на посебни археолошки локалитети која ќе им ја понудиме на туристите на Западот, во Америка и така натаму. Знаеме дека туризмот, особено во Охрид – има многу туристи од Европа, од државата, па да им понудиме нешто малку подобро организирано, вели  Андреа Рихтер, директор на „Форум на словенски култури“.

​Според Рихтер, стручњаците и археолозите треба прво да го подготват материјалот и информациите, по што во соработка со туристичките организации ќе се изработи маркетинг-план.

Конзервацијата, реставрацијата и примена на современи технологии

Покрај заштитата и одржливиот развој, на работилницата беше потеницрана и инклузивноста, односно локалитетите да бидат пристапни за разноврсна публика, од млади и стари, до лица со попреченост.

​Поради специфичната и тешко пристапна географска положба на теренот во Охрид, НУ Завод и музеј Охрид работи на алтернативни начини за презентација на културното наследство, преку електронски медиуми, виртуелна реалност и 3D анимации, како што се проектите за базиликата на Плаошник и виртуелната реконструкција на базиликата во Студенчишта.

​Се трудиме како институција да ги вклучиме секогаш во програма конзервацијата и реставрацијата на археолошките локалитети, како што е Самуилова тврдина, локалитетот Манчевци и други базилики. Преку 3D презентациите, виртуелната реалност и електронските медиуми го правиме културното наследство достапно за секого, вели директорот на НУ Завод и музеј Охрид, Горан Патчев.

​3D презентација и виртуелна реалност: Враќање во сјајот на минатото пред 1.500 години

​Во соработка со престижниот шпански универзитет „Саламанка“, НУ Заводот и музеј Охрид веќе ја применува оваа нова технологија за да ги оживее мозаиците и архитектурата на еден од најрепрезентативните споменици на Плаошник.

Фокусот е ставен на 3D моделирањето на тетраконхосот на Плаошник, каде преку специјални кациги (хедсети) посетителите можат да ја видат внатрешноста и мозаиците во нивниот оригинален сјај.

Целта на ова истражување наше и на оваа презентација е преку новите медиуми да го доближиме изгледот на оваа базилика со употреба на нов „хедсет“ кој ја интерпретира внатрешноста на оваа базилика и цела декорација која ги има составните елементи, значи претежно мозаиците. На тоа се концентриравме и така добивате една поубава слика за тоа како изгледал овој значаен споменик на културата, вели Никола Упевче, археолог / соработник на проектот.

Ова, вели Упевче, се почетоците на оваа многу интересна и многу возбудлива нова технологија, изразувајќи надеж дека ќе се имплементира и на повеќе локалитети.

Работилницата во Охрид претставува значаен чекор кон вмрежување на експертите од словенските земји и создавање заедничка стратегија преку која културното наследство ќе стане повидливо, подостапно и економски одржливо.

Н.С.Ј.