Археологијата, одржливоста, како и инклузивноста во туристичкиот и економскиот развој на градовите со археолошки богатства се во фокус на меѓународната работилница што под наслов „Заштита и промоција на културното наследство како ресурс за инклузивен и одржлив развој“ се одржува во Охрид во организација на НУ Завод и Музеј Охрид и Форумот на словенски култури, а во рамки на програмата на Министерството за култура и туризам.

Стратешко поврзување и промоција на археолошките локалитети пред светската јавност
Археологијата е еден од примарните сегменти во културното наследство. Локалитетите и ископувањата треба да бидат отворени и приспособени за секојдневните посетители, а соработката со локалните заедници кои живеат со таа археологија е од исклучително значење.
Треба да знаеме за кого правиме презентација. Кога се прават ископувања, истражувања, да знаеме дека тоа е отворен простор, бидејќи луѓето секојдневно поминуваат па се прашуваат што е ова, што е она. Така што, да се подготвиме за сите тие луѓе. Размислуваме за тоа да направиме мапа на посебни археолошки локалитети која ќе им ја понудиме на туристите на Западот, во Америка и така натаму. Знаеме дека туризмот, особено во Охрид – има многу туристи од Европа, од државата, па да им понудиме нешто малку подобро организирано, вели Андреа Рихтер, директор на „Форум на словенски култури“.
Според Рихтер, стручњаците и археолозите треба прво да го подготват материјалот и информациите, по што во соработка со туристичките организации ќе се изработи маркетинг-план.
Конзервацијата, реставрацијата и примена на современи технологии
Покрај заштитата и одржливиот развој, на работилницата беше потеницрана и инклузивноста, односно локалитетите да бидат пристапни за разноврсна публика, од млади и стари, до лица со попреченост.
Поради специфичната и тешко пристапна географска положба на теренот во Охрид, НУ Завод и музеј Охрид работи на алтернативни начини за презентација на културното наследство, преку електронски медиуми, виртуелна реалност и 3D анимации, како што се проектите за базиликата на Плаошник и виртуелната реконструкција на базиликата во Студенчишта.
Се трудиме како институција да ги вклучиме секогаш во програма конзервацијата и реставрацијата на археолошките локалитети, како што е Самуилова тврдина, локалитетот Манчевци и други базилики. Преку 3D презентациите, виртуелната реалност и електронските медиуми го правиме културното наследство достапно за секого, вели директорот на НУ Завод и музеј Охрид, Горан Патчев.
3D презентација и виртуелна реалност: Враќање во сјајот на минатото пред 1.500 години
Во соработка со престижниот шпански универзитет „Саламанка“, НУ Заводот и музеј Охрид веќе ја применува оваа нова технологија за да ги оживее мозаиците и архитектурата на еден од најрепрезентативните споменици на Плаошник.
Фокусот е ставен на 3D моделирањето на тетраконхосот на Плаошник, каде преку специјални кациги (хедсети) посетителите можат да ја видат внатрешноста и мозаиците во нивниот оригинален сјај.
Целта на ова истражување наше и на оваа презентација е преку новите медиуми да го доближиме изгледот на оваа базилика со употреба на нов „хедсет“ кој ја интерпретира внатрешноста на оваа базилика и цела декорација која ги има составните елементи, значи претежно мозаиците. На тоа се концентриравме и така добивате една поубава слика за тоа како изгледал овој значаен споменик на културата, вели Никола Упевче, археолог / соработник на проектот.
Ова, вели Упевче, се почетоците на оваа многу интересна и многу возбудлива нова технологија, изразувајќи надеж дека ќе се имплементира и на повеќе локалитети.

Н.С.Ј.














