Учебната година започна без никакво инвестирање во образованието и создавање добри услови за работа за учениците и наставниците. Дел од училниците во ОСУ „Свети Климент Охридски“ прокиснаа и се урна и дел од таванот, но за среќа нема повредени ученици, рече на денешната прес конференција советникот од ВМРО ДПМНЕ, Илија Арнаудоски.
Дали ветувањата на градоначалникот Георгиески беа да се скратат 155.000 денари за санација на покривот во Гимназијата? Зарем советниците, просветни работници во Советот и пратеничката Жаклина Лазаревска како претседател на Комисијата за образование и наука не чувствуваат одговорност кон колегите и учениците во Гимназијата? Дали учениците и наставниците од основните училишта „Христо Узунов“, „Братство Единство“ во Лескајца и „Св. Наум Охридски“ во Пештани и Елшани ги изложувате секојдневно на опасност затоа што ги скративте средствата за промена на кровните конструкции? Дали при следните временски неприлики се оставаат учениците од училиштата во Коњско и Долно Лакочереј во небезбедни услови и опасност затоа што не е извршена санацијата на таваните и кровот?, праша Арнаудоски.
Додаде дека жителите на Коњско треба да знаат, како што рече, дека се скратени 510.000 денари за реконструкција на тавани и кров во училиштето, а жителите на Долно Лакочереј дека се скратени 1.500.000 денари за санација на тавани и кров на училиштето.












