Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со која раководи Лидија Димова, покрај 83.000 евра за дресура на магариња, на носителот на проектот кој е брат на пратеникот од редовите на СДСМ, Диме Велковски, му доделила и втор проект “Избери сирење”, во износ од 125.000 евра од Еразмус + програмата. Ова денеска на прес конференција го обелодени портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски.

Значи доделени 125.000 евра европски пари од проект „Избери сирење“ каде што треба да се едуцираат деца за сирење, пари што отишле повторно кај Диме Велковски. Неспорно е веќе дали се валидни или не апликациите околу магарињата и сирењето. Поставуваме дилема и прашање, како е можно, овие два проекта во вредност од над 200.000 евра, европски пари, Лидија Димова да ги додели токму кај братот на пратеникот од СДСМ Диме Велковски, токму пред парламентарните избори? – рече Арсовски.

Арсовски побара јавно да се објави од страна на Диме Велковски и Лидија Димова на кој начин се трошеле и каде завршиле над 200.000 евра, односно во чии џебови завршиле парите?

Бараме да објават јавно дали парите биле влечени преку сметки на други лица да ги вратат кај добитниците на проектите? За што постои и сомнеж во проектите поврзани со фризерницата коишто беа јавно изнесени на прес конференцијата на Лидија Димова. – истакна Арсовски.

Тој уште еднаш јавно побара оставка од директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова.

OhridNews